Инстаграм се извини откако го отстрани плакатот за новиот филм на Педро Алмодовар од социјалната мрежа затоа што на него е прикажана женска брадавица. Компанијата реагираше откако дизајнерот на постерот Хавиер Хаен се пожали на цензура.
Фејсбук, во чија сопственост е Инстаграм, потврди дека неколку фотографии со плакатот за филмот „Паралелни мајки“ на кој е прикажана брадавица со млеко на доилка биле отстранети зашто ги прекршиле правилата против прикажување голотија.
„Ние, сепак, правиме исклучоци и дозволуваме голотија во некои случаи, како на пример кога има уметнички контекст. Затоа ги вративме објавите со кои беше споделен постерот за филмот на Алмодовар и жалиме за предизвиканата конфузија“, соопшти Фејсбук.
Строгите правила на Фејсбук и Инстаграм ја поттикнаа кампањата #FreetheNipple, на која се придружија бројни уметници и јавни личности. Правилата не се однесуваат на машки брадавици.
Дизајнерот Хаен вели дека добил поддршка од Алмодовар за изработениот плакат.
„Тој ми кажа дека прави филмови со плакати цел живот, уште пред да постои Инстаграм и ќе продолжи да работи така и после Инстаграм“, изјави Хаен.