Над 800 жители од селата Амзабегово и Пеширово, оддалечени неколку километри од Свети Николе, повеќе од една деценија, посебно во лето кога температурите се високи, не можат прозорец или врата да отворат од своите домови затоа што од локалната река која минува покрај селата се шири неподнослива реа.
„Живееме како во кочина, толку е неподнослива непријатната миризба, што не можеме прозорец да отвориме. Навечер кога заладува, прозорците и вратите мора да бидат затворени. Од реката која сега повеќе личи на канал за фекалии доаѓа таква реа што удира во нос и на дишните органи“, вели Игор Станоев од селото Амзабегово.
Неговиот пријател Раде Младенов од соседното село Пеширово вели дека порано реката била толку чиста што жените переле со нејзината вода, а мажите се капеле.
„Во оваа река научиле да пливаат нашите татковци. Но, сега во реката не смееш да погледнеш што сè тече низ неа, вода нема, течат само фекалии кои се собираат од горниот тек на Светиниколска Река, а реата доаѓа и од отпадните води што ги испуштаат од фармите покрај реката“, вели Младенов.
Тие, заедно со останатите соселани поднесувале повеќе барања за решавање на овој животен проблем, кој станува мошне сериозен за помладата популација која сè повеќе заболува на дишните органи.
Директорот на ЈП „Комуналец“ Александар Давчев вели дека во последните години проблемот не е толку изразен, затоа што пред неколку години тие ја ставиле во функција пречистителната станица за Свети Николе и дека реката која минува покрај селата Амзабегово и Пеширово полека со времето со помош да дождовите постепено ќе се прочистува.
Одредени зафати најавува и градоначалникот на Свети Николе Сашо Велковски, кој исто така смета дека реката постепено ќе се чисти на природен начин.
„Наш приоритет беше да ја ставиме во функција пречистителната станица за градот. Околу неа, со тек на годините беа натрупани илјадници тони отпад. Со отпад наполнивме можеби над сто камиони и го исчистивме теренот околу пречистителната станица. Таква станица предвидуваме и во селото Амзабегово, а комунални зафати ќе има во соседното село Пеширово“, вели Велковски.
Жителите од двете села не се согласуваат со спориот начин на решавање на нивниот животен проблем. Бараат под итно да се утврди од каде се доаѓа загадувањето на реката Периш, како што тие со години ја викаат, да се преземат мерки за сторителите и тие да се спречат, а во врска со природното чистење тие најпрвин бараат целиот тек на локалната река со багери да се исчисти од сите гнасотии, а потоа нека има природно чистење со дождовите.
Т. ЈОВАНОВСКИ