ТАЛИБАНЦИТЕ СЛАВАТ ЦЕЛОСНА НЕЗАВИСНОСТ ОТКАКО ПОСЛЕДНИТЕ АМЕРИКАНСКИ ВОЈНИЦИ ЗАМИНАА ОД АВГАНИСТАН

    ТАЛИБАНЦИТЕ СЛАВАТ ЦЕЛОСНА НЕЗАВИСНОСТ ОТКАКО ПОСЛЕДНИТЕ АМЕРИКАНСКИ ВОЈНИЦИ ЗАМИНАА ОД АВГАНИСТАНГенерал мајорот Крис Донахју беше последниот американски војник кој синоќа го напушти авганистанското тло (Фото: АП)

    Славенички истрели се слушаа низ Кабул додека талибанците утрово ја презедоа контролата врз аеродромот, откако синоќа од Авганистан си заминаа и последните американски војници, со што беше ставен крај на нивното 20-годишно континуирано присуство во земјата. Снимките што ги објавија талибанците покажуваат борци како влегуваат во аеродромот набргу по полетувањето на последниот американски авион неколку минути пред полноќ по локално време.

    „Последниот американски војник го напушти аеродромот во Кабул, со што нашата земја се здоби со комплетна независност“, изјави портпаролот на талибанците, Забибула Муџахид.

    Најдолгата војна во историјата на САД чинеше речиси 2.500 американски и околу 240.000 авганистански животи, а во пари, околу 2.000 милијарди долари и заврши откако последниот американски војник, генерал мајорот Крис Донахју, синоќа се качи на последниот евакуациски авион. Иако војната ги симна талибанците од власт и помогна Авганистан веќе да не биде база на Ал Каеда, тврдокорните исламистички милитанти денес контролираат поголем дел од земјата отколку во периодот од 1996 до 2001 година.

    „Горди сме на нашите жртви. Само поради искреноста и трпеливоста на нашите лидери, ние сме независни денеска. Нашата желба е нашата земја веќе никогаш да не биде нападната и окупирана. Сакаме мир, просперитет и вистински исламски систем. Сакаме добри односи со САД и со светот, сакаме да имаме дипломатски односи со сите“, кажа Муџахид, повикувајќи ги борците да бидат нежни кон авганистанскиот народ.

    Од влегувањето на талибанците во Кабул на 15 август, од аеродромот беа евакуирани околу 122.000 луѓе, но генералот Френк Мекензи кажа дека во земјата има уште 100-250 американски државјани.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира