Есенскиот Моден викенд Скопје отвори синоќа со колекциите на Јована Филиповиќ, Андреј Папаз Ѓоргиевски и на Филип Тренчовски, а во „Скопје Мериот хотел“, каде се одржува 14. издание на Модниот викенд, излезе и најновата колекција на уникатен накит од „Сигма“.
Модниот викенд, кој годинава е под мотото „Талентот е ново секси“, продолжува вечерва со ревиите на студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје, Дејан Тодоровиќ и на Олгица Ѓоргиев.
Утре, на последната трета вечер, ќе одат колекциите на курсистите по моден дизајн од Центарот „Кариера Плус“: Радица Лазова, Оливер Атанасов, Ева Заева, Асмира Абази и Ивана Арсовска. Вечерта ќе продолжи со ревијата на Марија Трајанова, модниот перформанс на Ена Зафировска, а Модниот викенд Скопје ќе затвори со ревијата на Ирина Тошева.