Почнува првата фаза на конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт, културно наследство од 6. век, кој на 20 април беше прогласен за споменик од особено значење и со тоа добива највисок степен на заштита. Процесот го најавија денеска министерката за култура Ирена Стефоска, директорот на Управата за заштита на културното наследство Ацо Костов и директорот на Конзерваторскиот центар – Скопје, Коле Чапкановски.
„Најпрвин се почнува со активности околу каналот, односно водите што некогаш овде биле во изобилие, ќе ги насочуваме кон другиот канал. Следна постапка е зајакнување на столбовите“, рече Чапкановски.
Според Костов, ќе се работи на повеќе сегменти, ќе бидат инволвирани повеќе стручни лица од различни области, архитекти, конзерватори, историчари и останати.
Стефоска кажа дека Скопскиот аквадукт е еден од последните на Балканот кој е зачуван во целост. За жал, додава, не можеме да се пофалиме дека е тоа по наша заслуга.
„Затоа го нареков ремек-дело на старите градители коешто им пркосело на вековите, на природните непогоди, на војните и на луѓето. Сега имаме шанса тоа да го исправиме. Тоа и го правиме. Имаме обврска, Аквадуктот да го промовираме пред светот кој ја препознава вредноста на овие споменици и ги става на туристичките мапи како атрактивни дестинации. Но, пред тоа, неговата вредност треба да ја промовираме дома зашто, за жал, имам впечаток дека повеќето знаат каде се наоѓа ‘Сити мол’, но, не знаат каде е овој древен водовод и што тој претставува. Некој можеби ќе рече: ‘Тоа и го спасило’. Но, убедена сум дека од денеска Аквадуктот ги добива заслуженото внимание и грижа“, рече Стефоска.
Б. НЕСТОРОСКА