Талибанците прогласија исламски емират во Авганистан и го објавија составот на новата привремена влада, на чие чело ќе биде Мула Хасан Акунд, близок соработник на покојниот основач на движењето, Мула Омар. Министер за внатрешни работи ќе биде Сираџудин Хакани, еден од најбараните луѓе на листата на ФБИ.
Хакани е син на основачот на озлогласената мрежа Хакани, која во САД е означена како терористичка организација, додека тој е баран поради вмешаност во самоубиствени напади и врските со Ал Каеда.
Во владата влегоа неколкумина водечки личности во талибанското движење кои се бореа против американската инвазија на земјата во 2001 година, но нема ниедна жена, ниту претставници на други политички струи.
Засега е нејасно каква улога во владеењето ќе има врховниот водач на талибанците Мула Хајбатула Акунџада, кој не е виден во јавност откако тие ја освоија целата земја. Тој денеска ѝ порача на владата дека мора да се придржува до исламските правила и шеријатскиот закон.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, изјави дека САД нема да ја признаат талибанската влада наскоро. Откако се вратија на власт, талибанците ги уверуваат Авганистанците и странските земји дека нема да го повторат бруталното владеење од пред 20 години.