Претседателот Стево Пендаровски на првиот претседател на првото повеќепартиско Собрание Стојан Андов, му додели Орден „8 Септември“ за особен придонес, почит и како благодарност за изградбата по осамостојувањето на нашата држава. Овој највисок орден на честа Пендаровски му го доделил на Андов пред неколку дена дома, поради возраста и опасноста од зараза со коронавирус.
На денешниот свечен настан во претседателската Вила Водно, на видеобим беше пуштена снимка од врачувањето на орденот дома кај спикерот Андов. На масичка седнати на балкон кај него дома, Пендаровски му оддаде почит и му го додели највисокиот орден во Република Северна Македонија.
Досега, Орден „8 Септември” им е доделен на првиот претседател на суверена и самостојна Македонија Киро Глигоров и на првиот премиер Никола Кљусев.
Во Вила Водно, на денешната свеченост орден „8 Септември” добија и претседавачот на конститутивната седница на првото Собрание Никола Стојановски и Фадил Зендели, потпретседателот на Собранието, кој место спикерот Талат Џафери го прими орденот во име на сите пратеници од првиот состав на Собранието на тогашната Социјалистичка Република Македонија.
На свеченоста присуствуваа и пратениците од првиот тогашен пратенички состав во првото плурално Собрание.
„Вие и оние колеги ваши од првата генерација пратеници кои за жал веќе не се меѓу нас, сте заслужни што денес имаме суверена и самостојна држава”, им кажа Пендаровски на присутните некогашни пратеници.
На денешниот голем јубилеј 30 години од осамостојувањето на Република Македонија, Пендаровски зборуваше за тешките и турбулентни времиња по распадот на тогашната СФР Југославија, кога граѓаните на референдум се определија за независност.
Она што го потенцираше Пендаровски е дека тоа време Андов, пратениците, интелектуалците и народот, ги тргнаа личните интереси, се сплотија околу државните интереси и ја поставија државата на нозе.
С. К. ДЕЛЕВСКА