За првпат во долгогодишното постоење на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, годинешното отворање в четврток, 16 септември, нема да биде во Центарот за култура туку во Завод и музеј Битола, од безбедносни причини поради пандемијата. И покрај промената на локацијата, црвениот килим останува, ќе биде послан пред влезот на Заводот, а отворањето и премиерата на македонскиот филм „Сестри“ на режисерката Дина Дума ќе бидат во Пациото под отворено небо.
Поради здравствените протоколи, бројот на гости ќе биде намален на 250.
Во главна конкуренција ќе бидат 10 долгометражни и уште толку краткометражни филмови. Меѓу нив два македонски филмови: „Сестри“ од отворањето, ќе се напреварува и во официјалната конкуренција за долгометражен филм, а меѓу краткометражните и филмот „Северен пол“ на битолчанаката Марија Апчевска кој ќе игра на затворањето.
На шесте фестивалски дена, колку што годинава ќе трае фестивалот, за два дена пократко од вообичаениот тек, строго ќе се почитуваат протоколите за заштита од ковид-19, велат организаторите. На затворените проекции и свеченото отворање ќе може да се влезе само лица со сертификати за вакцинација или прележан ковид-19 не постар од 45 дена.
Директорот на Фестивалот Мони Дамевски денес на прес конференција рече дека „Браќа Манаки“ треба да ѝ се врати на Битола, односно битолчани да се вклучат во голем дел од организацијата.
„По една година отсуство, Фестивалот го имаме оти беше воден од три соништа. Првиот, на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), кое сметаше дека мора да го има, не може две години со ред да не го правиме. Во подготовките проживеавме неколку филмски жанрови од акциони, до трилери, комедии. Вториот сон дека Фестивалот треба да ѝ се врати на Битола, односно Битола да биде вклучена многу посериозно во реализацијата на овој фестивал, па ја имаме најбогатата оф програма. Третиот сон е групата ентизијасти кои го организираат фестивалот “, рече Дамевски.
Ќе биде искористен и просторот на Киното Манаки каде жирито ќе ги гледа филмовите.
„И без америнкански филм, светски е овој фестивал. Имаме два азиски филмови добитници на награди по фестивалите, еден африкански, седум европски, од нив три од поблискиот регион, покрај ‘Сестри“ , од Србија добитникот на Кристалниот глобус во Карлови Вари ‘Бановиќ Страхиња’ или ‘До каде што можам да одам’ една хуманистичка бегалска драма и филмот ‘Мурина’ од Хрватска, добитник на Златната камера во Кан“, рече селекторот Слаѓан Пенев.
Покрај лауреатот Кристијан Бегер кој во Битола доаѓа со сопругата и ќерката, ќе има уште еден добитник на животно признание, но директорот Дамевски не откри кој поради претпазливост да не се сменат плановите. Рече дека многумина филмаџии се радуваат да дојдат во Битола зашто претходно биле на фестивалот и многу убаво поминале.
„Битола не е позната по ‘Шератон’, но затоа е позната по шопската салата и доматите“, вели тој и низ смеа додава дека странец кој бил вклучен во Фестивалот порано, рекол дека ќе земе македонско државјанство од толку што му се допаднала шопската салата.
Годинава фестивалот ќе има сосема битолски белег. Офф- програмата ја води Тоше Ивановски, долгогодишен истакнат културен работник од Битола.
„Офф-програмата покрај во забавите по кафе баровите со диџеи, гледање на македонски филмови, изложба на фотографии со битолчани кои учествувале во филмови, активностите нема да се сведат само на забава. Ќе имаме два пункта на Широк Сокак со содржини кои ќе служат за анимирање како на самите битолчани да имаат чувство дека се случува фестивал, така и на оние посетители кои го доживуваат градот разиграан“, рече Ивановски.
Дел од Офф-програмата е сегментот „Битолчани раскажуваат филм“ ќе учествуваат урбани ликови. Пантомима, изложба „Во крупен план“ пред кино Манаки, КУД „Илинден“ во страоградака облека на отворено ќе имаат сценски прикази на ситуации од времето на Манаки, фотографите Петар и Сашо Ставрев ќе извадат стари плочи со филмска музика.
Ж. ЗДРАВКОВСКА