Во земјава денеска ќе пристигнат 110.612 вакцини против ковид-19 од „Фајзер-Бионтек“, кои се купени преку Ковакс-механизмот, а до крајот годината е најавена испорака на уште 100 илјади вакцини од овој производител, соопшти Министерството за здравство. Пристигнатите вакцини, кои се препорачуваат за имунизација и на деца над 12 години, ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови низ земјата.
Државната агенција МИА објави дека на вакциналниот пункт на скопскиот Универзитет „Св.Кирил и Методиј“, за две недели се вакцинирале 70 лица.
Пунктот е сместен до влезот на Економскиот факултет. Во секој работен ден од 8 до 14 часот, покрај за студенти, отворен е и за сите со намера да се вакцинираат. Може да избираат меѓу „Фајзер“ и „Синовак“.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 776.659 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.969 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.099 граѓани.
Во државата вкупно се аплицирани 1.474.507 дози вакцини, а ревакцинирани се 697.847 граѓани.
Со последните бројки, 55% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 31% од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Вакцинација има без закажан во постоечките вакцинални пунктовите низ државата.
Децата од 12 до 18-годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.
Б. НЕСТОРОСКА