Берлин ќе ја добие својата прва избрана градоначалничка откако Франциска Гифи и нејзините Социјалдемократи (СПД) ги победија Зелените на вчерашните избори. Градот со 3,7 милиони жители само еден краток период досега бил воден од жена, откако на чело на неговата администрација во 1947 и 1948 била социјалдемократката Луиз Шредер.
Според прелиминарните резултати, Гифи освоила 21,4% гласови, додека Бетина Јараш од Зелените собрала 18,9%. Власта во Берлин моментално ја делат СПД, Левица и Зелени. Актуелниот градоначалник Михаел Милер од СПД одлучи да не се кандидира повторно.
Четириесет и тригодишната Гифи порано беше градоначалничка на берлинскиот округ Нојкелн, а од 2018 беше министерка за семејни прашања во федералната влада. Во мај поднесе оставка поради скандалот со плагирање на својата докторска теза. Докторатот потоа ѝ беше поништен.