За првпат во земјава, институциите од областа на културата и културните работници, од денеска ќе може електронски да аплицираат на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата. Електронската апликација, како што најави министерката за култура Ирена Стефоска, е отворена од денеска, 4 октомври, од 11 часот, а ќе биде затворена на 6 ноември во 12 часот.
„Со оваа апликација се забрзува целиот процес – од пријавување до изготвување решение. Да напомнам дека со затворањето и испраќањето на пријавата, секој корисник автоматски добива архивски број на неговата е-адреса. Со тоа се избегнува метежот пред архивата на Министерството за култура, физичкото поднесување на документи и, што е многу важно, времето за евалуација на поднесените пријави се скратува за десетина илјади работни часови или во целиот процес се кратат два месеца поради досегашното рачно заведување на пријавите“, кажа Стефоска.
На последниот конкурс стигнале над шест илјади пријави. Секоја поединечно, рачно се заведувала во архивата. Секоја од тие 6.000 пријави рачно се проверувала дали е комплетна. Потоа, секоја од тие 6.000 пријави рачно се проверувала дали соодветствува на поставените услови по дејност и секоја пријава рачно се внесувала во компјутер.
„Така минуваа 60-ина дена само за таа процедура. Сега тоа е минато и е направено во полза, пред сè, на оние што конкурираат“, рече министерката.
Меѓу предностите на онлајн аплицирањето е и тоа дека се елиминира можноста за злоупотреба, односно да се менуваат или да се додаваат документи откако е завршено пријавувањето.
„Со тоа го елиминираме и секој сомнеж за евентуално коруптивно однесување при овој процес. Исто така, кога сме кај одговорното однесување, уште еден аргумент – електронската апликација освен што заштедува илјадници часови, заштедува и драгоцени 500 илјади листови хартија“, додаде Стефоска.
Министерката кажа дека апликацијата поминала низ темелни и повеќекратни тестирања за нејзиниот капацитет и безбедност и дека стручните лица уверуваат дека системот ќе ја издржи карактерната особина на нашиот менталитет, работите да се извршуваат во последен момент.
Таа апелираше сепак да не се чека последниот час, оти, вели, ни најсовршениот систем не би го издржал тоа.
На официјалната веб-страница на Министерството за култура од денеска е поставено и видеоупатство за постапката за аплицирање на македонски и на албански јазик. Стефоска потенцираше дека за секоја дилема или проблем, покрај е-адресите на лицата за контакт во секоја дејност, достапни за објаснување ќ бидат вработени во Министерството и на телефон, чии броеви се објавени на веб-страницата.
Б. НЕСТОРОСКА