Петнаесетмина морнари се повредени кога американска нуклеарна подморница се судри со она што беше опишано како непознат предмет во водите на Јужнокинеското Море. Американските власти кажаа дека во инцидентот учествувала подморницата „Конектикат“, која била упатена кон Гуам, додавајќи дека не знаат што го предизвикало судирот.
Инцидентот се случува во периодот кога повторно се засилуваат тензиите во овој спорен регион, проследено со честите упади на кинеските борбени авиони во воздушната одбранбена зона на Тајван.
„Петнаесетмина морнари се здобија со полесни повреди, додека подморницата остана целосно оперативна по судирот“, изјави портпарол на морнарицата.
„Конектикат“ се наоѓаше во еден од најспорните региони на светот. Додека Кина тврди дека полага право врз најголем дел од Јужнокинеското Море, околните земји и САД не се согласуваат. Филипини, Брунеи, Малезија, Виетнам и Тајван ги оспоруваат кинеските тврдења со децении, но тензиите значително пораснаа во изминатите години. Последниот одбранбен пакт што го формираа САД, Велика Британија и Австралија исто така има за цел да се спротивстави на кинеската доминација во овој регион.