Младите од Охрид денеска во Центарот за култура „Григор Прличев“ имаа прилика за гледаат проекција на филм со чиста струја произведена од возење велосипеди, во рамките на проектот „Климатските акции почнуваат со млади”, во организација на еколошката организација „Гоу грин“ а поддржан од Британската влада. Средношколците со помош на велосипед сами ја генерираа струјата за документарниот филм „Планета на нашата Земја“ (A Planet on Our Earth), преку кој се запознаа со влијанието на човековата активност врз уништувањето на природата и како тоа се враќа назад кај човекот, и што тој може да направи за да се намалат последиците.
За една проекција, за да се претвори кинетичката енергија во електрична, потребни се пет велосипеди со постојано неколку часовно вртење.
„Самиот систем има батерија која складира енергија од постојаното вртење на петте точаци и истата се задржува и одржува преку вртењето. При самата проекција не само што енергијата ја трошиме туку истовремено и ја полниме батеријата“, објаснија организаторите.
Проектот содржи и голема коцка од 4 метри кубни, што претставува 125 килограми јаглерод диоксид односно 2 недели возење низ град со автомобил или 6-месечен комунален отпад од едно семејство. Младите на инсталацијата со пораки кажаа како тие ќе придонесат за зачувување на животната средина.
„Задоволство ми е што денес ја посетив и се потпишав на коцката без јаглерод, што е дел од проектот финансиран од Обединетото Кралство со еколошката организација ‘Гоу грин’ за подигање на свеста за важноста од справување со климатските промени. Тука, во Северна Македонија, го поддржавме развојот на Стратегијата за енергетика и спроведовме различни проекти за климатска акција со младите во земјата, со цел да им дадеме глас на оние кои се најпогодени од климатските промени и да ја покажеме инспиративната акција што младите веќе ја преземаат за справување со климатските промени. Се надеваме дека нашите активности и поддршка им помогнаа на младите луѓе да охрабрат и да се мобилизираат со дел да делуваат”, рече Венди Мортон, министерка за Европа и Америка на Обединетото Кралство, која во Охрид ја почна дводневната посета на Македонија, при која утре ќе има средби со министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот Никола Димитров.
Целта на проектот е да се информираат младите за климатската криза и за нивната улога во спречувањето односно намалувањето на последиците од климатските промени.
„Коцката исцртана од младата артистка Ирина Атанасовска ги претставува двете страни, доброто и лошото од климатските промени. Лошото како последиците и причините од загадувањето, испуштањето чад, преголемото користење на пластика, користење на струја од необновливи извори на енергија. Другата страна, пак, го отсликува она што треба да се направи за да се зачува биодиверзитетот односно користење обновливи извори на енергија, возење велосипед, купување половна облека, бидејќи за сè што е ново потребно е производство, а производството загадува најмногу“, вели Мила Јованоска, претседателка на „Гоу грин“ Скопје.
Јованоска смета дека свеста кај младите е многу ниска, треба поголема едукација и во формалното образование за климатските промени.
„Преку одржливоста ние ќе ги намалиме последиците на климатските промени и ќе си обезбедиме достоинствен живот на сите“, додава таа.
Според неа, штетата што ја прави изградбата на една хидроцентрала е многу поголема од придобивката од водата од изворот кој тече.
„Тие инвестиции и субвенции на приватни инвеститори за градење на хидроцентрали се против која која тенденција, насока која доаѓа од ЕУ или светот. Соларната енергија е еден одсто застапена, а имаме над 300 сончеви денови. Фокусот треба да ни е соларното, а да се одбегнува хидрото“ вели Јованоска.
Проектот „Климатските акции почнуваат со млади” се реализира во Скопје, Охрид и Гостивар.
С. ВРЕНЦОВСКА