Гласачи во Штип забележале дека уредите за отпечаток од прст за гласањето затајувале најмногу кај повозарасните лица. Затоа, речиси на сите избирачки места има застои во гласањето, но комисиите и нивните технички лица се обидуваат застоите брзо да ги остранат. Ако уредот не може да земе отисок, се преминува на рачно земање отпечаток од двата позакалци.
Вакви застои има на повеќе избирачки места, но најспецифично е со гласчите во Музичкото училиште во Штип, каде поради застоите со уредот преку цел ден се прават редици со граѓани кои сепак стрпливо чекаат да гласаат.
„Пред мене, на две постари жени им се случи уредот да затаи. Кога техничките лица не можеа да го остранат затајувањето, комисијата премина на рачно земање отисоци. Тоа ми се случи и мене, но и на две повозрасни лица зад мене, па моравме да даваме отисоци со двата показалци во книгата каде се наоѓаа нашите имиња и адреси. Некои од техничките лица имаа објаснување дека уредите за отисоци затајувале претежно кај повозрасните лица кои имале пооштетени показалци“, вели Ленче Трајанова од Горно Маало во Штип.
Претседателот на Општинската изборна комисија (ОИК) во Штип Виктор Вацев, не ја отфрла и таа можност за повозрасните лица, кои од земјоделските и домашни работи навистина имаат пооштетени прсти, па овие лица даваат отисоци на стариот начин, а не на уред. Досега има барање да биде заменет само еден апарат, но дефектот веднаш го решиле техничките лица.
До 15 часот, во Штип гласале околу 35 проценти од електоратот, или околу 15.000 гласачи, што е најмал процент досега. Во Штип има 80 избирачки места со право на глас на 42.045 граѓани.
Т. ЈОВАНОВСКИ