ТУРЦИЈА ЌЕ ПРОТЕРА АМБАСАДОРИ НА 10 ЗЕМЈИ, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГИ ГЕРМАНИЈА, САД И ФРАНЦИЈА

    ТУРЦИЈА ЌЕ ПРОТЕРА АМБАСАДОРИ НА 10 ЗЕМЈИ, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГИ ГЕРМАНИЈА, САД И ФРАНЦИЈА10-мината амбасадори ќе бидат протерани поради нивниот повик да се ослободи филантропот Осман Кавала од притвор. (Фото: ПА)

    Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска кажа дека му наредил на министерот за надворешни работи да прогласи „персона нон грата“ десетмина амбасадори, вклучувајќи ги американскиот, францускиот и германскиот, поради нивниот повик да се ослободи филантропот Осман Кавала од притвор.

    „Ја дадов потребната наредба на нашиот министер за надворешни работи. Побарав од него да ги прогласи овие 10 амбасадори ‘персона нон грата’ што е можно побрзо“, кажа денеска Ердоган.

    Изјавата на Ердоган доаѓа еден ден откако тој кажа дека амбасадорите не се веќе добредојдени во Турција и дека судството во Турција е независно.

    „Ова е Турција, ова не е племенска држава како што вие мислите дека е“, изјави Ердоган, обраќајќи им се на амбасадорите.

    Кавала е во притвор од ноември 2017 година. Тој е обвинет за шпионажа и обид да се собори владата преку протестите Гези во 2013 година. Кавала ги негира сите обвинувања, но се соочува со доживотен затвор ако биде осуден.

    Амбасадорите во понеделникот преку соопштение побараа „брза и правична разврска“ на случајот на Кавала, а веќе следниот ден беа повикани во турското МНР, кое го оцени соопштението како неодговорно и неприфатливо.

    Кавала е основач на невладината организација „Анадолу Култур’, која промовира размена и дијалог меѓу Турција и соседите преку културни и уметнички дела.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира