Со големи емоции помина отворањето на изложбата „И јас сум тука“ на новинарите Сребра Ѓорѓијевска и Тоше Огњанов, која се отвори синоќа во Кинотеката, на која беше промовирана и книгата со приказни и фотографии на 20 лица со интелектуална попреченост. Дел од учесниците во изложбата беа гости на отворањето, а публиката со одушевување ја поздрави иницијативата за изложбата.
Автор на фотографиите е Огњанов, а на приказните Ѓорѓијевска. „И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт. Изложбата е дел од Фестивалот за литература и илустрација за деца Литера.
„На почетокот имав трема, првото фотографирање со Христијан, не знаев како да му пристапам, што да направам. Како да постапам, пристапам, што ќе ни биде оваа фотосесија. Се сретнавме, тој самиот почна да позира, да ги покажува медалите. Веднаш се поврзавме, па со Ива, па Александар, па Никола. Секое фотографирање беше посебно искуство, посебна приказна. Го опишуваме како патување, поминавме низ цела земја, но постои и едно фигуративно патување, до нови како личности. Тоа што како фотограф успеав да го увидам дека сите тие сакаат внимание. Ретко кога имам забележано поискрена насмевка“, рече Огњанов.
Ѓорѓијевска, со растрепен глас раскажа како се раѓаа приказните.
„Се радувам на сите средби со овие 20 луѓе со попреченост, пред сè со новните семејства, со поддршката што ни ја дадоа отворајќи ги нивните срца и домови. Се радувам што сум дел од проект кој им дава можност на сте да зборуваат, да бидат слушнати, поздравени. Со Тоше Огњанов поминавме два месеци со приказните на овие луѓе, заедно се смеевме, се гушкавме, заедно плачевме. И научивме многу работи, пред сè, дека секој заслужува место под сонцето и на сите нас ни треба многу малку – една прегратка, една насмевка“, рече Ѓорѓијевска.
Амбасадорката на Шведска Кристин Форсгрен Бенгтсон, рече дека треба да ги охрабриме сите да се борат за своите права, дека децата не се раѓаат со предрасуди, дека тоа е клучно во односот кон луѓето со посебни потреби. Еднаквоста и еднаквите можности за сите се клучни вредности и приоритети за Шведска.
Таа истакна дека е многу важно да се работи во училиштата и преку вакви настани да се бориме против предрасудите.
„Сакаме да ги охрабриме сите да станат и да застанат зад нивните права. Од фотографиите забележав, заедничко за сите се насмевките, тоа ме стоплува“, рече амбасадорката Бенгтсон.
Б. НЕСТОРОСКА