ЗА ДА БИДАТ МЛАДИТЕ ДЕЛ ОД РЕШЕНИЕТО, ЗА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ МОРА ДА СЕ УЧИ НА УЧИЛИШТЕ, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕ ОД „ГОУ ГРИН“

    ЗА ДА БИДАТ МЛАДИТЕ ДЕЛ ОД РЕШЕНИЕТО, ЗА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ МОРА ДА СЕ УЧИ НА УЧИЛИШТЕ, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕ ОД „ГОУ ГРИН“Младите од Охрид ги напишаа своите еколошки пораки додека во Глазгов се одржува клучниот самит за климата (Фото: СДК.МК)

    Младите денеска се во фокусот на Самитот за климатски промени на ОН, кој се одржува во Глазгов.
    Тие најмалку придонеле за климатската криза, но директно ќе ги чувствуваат најлошите последици во наредните години. Затоа е многу важно младите да бидат вклучени во донесувањето на одлуките и националните стратегии и во нивната имплементација, оценија учесниците на климатската конференција.

    „Впрочем, и самата Конвенција за климатски промени вели: ‘Младите се клучни за подигнување на свеста, водење едукативни програми, промоција на одржливо живеење, заштита на природата, поддршка за обновливите извори на енергија и за спроведување на еколошки навики и проекти за адаптација и митигација‘. На ЦОП26 во Глазгов владите ги презентираа националните планови за справување со климатските промени. Нашиот е доста амбициозен и може да кажеме дека сме лидери во регионот. Сепак, младите беа исклучени од процесот“, вели Мила Јовановска, претседателката на младинската организација за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ од Скопје.

    За да може да има активно вклучување на младите во решавањето на климатските проблеми, Јовановска смета државата прво треба да работи на образованието, да нуди квалитетни и ажурирани образовни програми за сите возрасти и тие да ги опфаќаат климатските промени преку интердисциплинарен пристап. Младите треба да се поттикнуваат да предлагаат идеи и иновации кои би решиле одредени локални проблеми.

    „За да можат да бидат дел од решението, младите мора прво правилно да се едуцираат. Климатски промени и одржлив развој мора да бидат вклучени во формалното образование и уште од најрана возраст да се учи за причините и последиците на климатските промени. Потоа е неформалното образование што го нудат невладини организации, активисти и формални и неформални групи“, додава Јовановска.

    Во своето 11-годишно постоење, „Гоу Грин“ има едуцирано илјадници млади кои преку семинари, обуки и акции на терен ја осознаа важноста на поединецот во борбата со климатските промени, но и научија како нивниот глас да биде слушнат.

    Последната активност на „Гоу Грин“, заедно со Британската амбасада во Скопје, беше еко-иновацијата со пет велосипеди кои произведуваат струја за проекција на филм, како и јаглеродната коцка, на чии ѕидови визуелно се покажуваат причините и последиците на климатските промени. Инспирирани од еко-филмот „Живот на нашата планета“ од Дејвид Атенборо, како и од сликите на коцката, младите од Скопје и Охрид ја запишаа својата заложба на ѕидовите на коцката.

    „Конференцијата за климатски промени е многу важна за светските лидери да ги презентираат своите планови, но ние младите мора да правиме притисок тие договори навистина да се спроведат, да ги потсетуваме дека станува збор за нашите иднина, секојдневие и здравје, кои ќе бидат загрозени ако тие зборови останат само на хартија“, вели Јовановска.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира