Целото партиско раководство е во оставка откако премиерот Зоран Заев во неделата по завршувањето на локалните избори објави дека поднесува оставка и од лидерската функција во СДСМ. Тоа е согласно Статутот на партијата, велат од СДСМ.
Во оставка е заменичката претседателка на СДСМ Сања Лукаревска и четворицата потпретседатели Мила Царовска, Венко Филипче, Фатмир Битиќи и Оливер Спасовски, како и генералниот секретар Љупчо Николовски кој беше шеф на изборниот штаб на локалните избори.
Заев, како што најави, ќе остане одредено време на премиерската функција, дури не се осигура и натаму ова парламентарно мнозинство, бидејќи како и коалиционите партии, и тој не смета дека сега треба да има вонредни парламентарни избори.
Партијата денеска соопшти дека во тек се секојдневни консултации и работни состаноци со партнерите во коалицијата од парламентарното мнозинство, како и во рамки на највисокото партиско раководство на СДСМ.
Претставниците на сите партии од парламентарното мнозинство потврдиле дека мнозинството во Собранието е стабилно и изразиле подршка на влада од актуелното парламентарно мнозинство на чело со СДСМ.
С. К. ДЕЛЕВСКА