Претседателката на ДОМ Лилјана Поповска се повлече од кандидатската листа на СДСМ за пратеници и нејзиното добитно место го отстапи на друг кандидат од Демократската обнова на Македонија.
„Се откажувам од пратеничкото место, а за ова ќе го известиме и СДСМ. Ќе се борам со еднаква страст од друга позиција, која сега се смета за недобитна. Се имам откажано од повеќе функции досега, од потпретседателското место во Собранието, од актуелната владејачка коалиција, а сега и од добитното пратеничко место. Никогаш не сум жалела за моите постапки, нема ни сега“, рече Поповска на денешната прес конференција.
Кој ќе биде ставен на нејзиното место на листата, Поповска не откри.
Поповска на листата беше нецело деноноќие, зашто нејзиното име предизвика бурна реакција кај дел од членството на СДСМ. Претседателката на градската организација на СДСМ и пратеник Софија Куновска, уште пред да почне конгресот, на состанокот на Централниот одбор на партијата, ја поднела оставката, но рекла дека останува во кампањата како посветен член на СДСМ до конечно уривање на режимот на Груевски.
„Го поддржувам потегот на Лилјана Поповска што се откажа. Искрено жалам што морам да признаам дека Лилјана Поповска покажа поголема сензибилност за граѓанското незадоволство од раководството на мојата партија“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Софија Куновска по оставката на Лиле Поповска.
Местото претседател на градската на СДСМ останува празно пред изборите. Но, во партијата има група која што смета дека треба Куновска да си ја преиспита одлуката за оставка, бидејќи рече дека останува посветено во кампањата на СДСМ за уривање на режимот.
Куновска вчера пред членовите на ЦО прашала: „Како е можно таа што беше втора зад Груевски на листата на режимот од 2014, денес да е на шесто место на листата што треба да го урива режимот?“.
Куновска во 2014 година беше втора на листата на СДСМ во првата изборна единица, а на овие избори не е на ниту една листа.