ЌЕ СЕ НАВИКНЕТЕ БЕЗ МЕНЕ, ВЕЛИ МЕРКЕЛ НА КРАЈОТ НА МАНДАТОТ

    ЌЕ СЕ НАВИКНЕТЕ БЕЗ МЕНЕ, ВЕЛИ МЕРКЕЛ НА КРАЈОТ НА МАНДАТОТ„Ако имаат чувство дека помеѓу актуелната канцеларка и веројатниот наследник има разбирање, тоа е смирувачки сигнал за светов, кој е прилично турбулентен и сметав дека е исправно тоа да се порача”, вели Меркел. (Фото: Дојче веле)

    Германската канцеларка Ангела Меркел вели дека лично најмногу ја погодил „бегалскиот притисок од Сирија и околните земји, а потоа корона-пандемијата“ и оти ѝ биле најголемите предизвици за време на мандатот. Во двата случаи „видовме како тоа директно ги засега луѓето кога се работи за човечки судбини“, вели Меркел во ексклузивното интервју за Дојче веле на крајот на мандатот.

    Од неодамна, долгогодишната канцеларка е само вршител на должноста откако Бундестагот имаше конститутивна седница. Од нејзината канцеларија Меркел 16 години го уживаше погледот на зградата во која се наоѓа парламентот. На парламентарните избори во септември годинава воопшто и не настапи како кандидат на Унијата за канцелар. На изборите со тесна разлика пред ЦДУ/ЦСУ победија Социјалдемократите.

    На прашањето дали смета дека Германија добро се справила со приливот на 800.000 бегалци во 2015 година, кога ја изговори и нејзината позната реченица „Ќе успееме!“, таа сега одговара – „Да, успеавме!“ Додава и дека не поминало „сѐ идеално“, но дека помогнале многу сограѓани, градоначалници, волонтери и хуманитарци.

    За мигрантите Меркел вели: „Кога ќе помислам на некои матуранти, имаме прекрасни примери на успешен личен развој.“ Самокритично додава: „Но, сѐ уште не успеавме да ги решиме причините за бегалскиот бран. Не успеавме ниту да обезбедиме единствена политика за азил и миграција во Европа“. Овде има уште многу работа, додава таа.

    Како своевидна криза во нејзиното време како канцеларка Меркел го посочи тоа што сѐ повеќе луѓе во светот го доведуваат во прашање мултилатерализмот: „Тоа мене отсекогаш ми било важно и секогаш се обидував да ги зајакнам меѓународните организации како ММФ, Светската банка, Светската трговска организација и други”. За темата која сѐ повеќе се наметнува – борбата против климатските промени, канцеларката е категорична: „Мораме многу, многу побрзо да делуваме.“

    Меркел пред да дојде на канцеларската функција беше министерка за животна средина и го водеше првиот климатски самит на ООН во 1995 во Берлин. Сега вели: „Мораме повторно да ги следиме проценките на науката и да се држиме до тие 1,5 степени затоплување.“

    Меркел пред неколку дена беше на последната климатска конференција на ООН, која до средината на ноември се одржува во Глазгов. „Глазгов веќе донесе одредени резултати,“ вели таа „но, од перспектива на младите луѓе е оправдано што мислат дека развојот сѐ уште е премногу бавен“. Изненадувачки, директно Меркел додава: „Затоа им порачувам на младите дека мора да вршат притисок.”

    Но, тоа не е воедно и признание за личен неуспех во однос на климатската политика. Канцеларката потоа во интервјуто додава дека за секоја одлука во однос на климатската заштита е потребно мнозинство, но дека при носењето на ваквите одлуки секогаш постојат стравувања од социјалните последици при строги кратења на пример кај личната потрошувачка.

    „Јас секогаш сум била силен поборник, но, сепак, денес не можам да кажам дека резултатот е задоволителен“, вели таа. Признава и дека морала да уважи оти проценките на научниците во секој следен извештај биле „сѐ полоши и сѐ пострашни”.

    Во последниов период Меркел имаше повеќе проштални посети на шефови на држави и влади, меѓу другите и со францускиот претседател Емануел Макрон, кој ја покани канцеларката во гратчето Бон и подоцна ја одликуваше со Големиот крст на легијата на честа, орден од највисок ранг во Франција.

    Во интервјуто за Дојче веле Меркел директно кажува дека тоа ја трогнало: „Знам дека има и луѓе кои не се задоволни со мојата политика. Но, кога сум во Франција, каде историски не секогаш сме имале пријателски чувства едни за други, секако дека ме радува што дојдоа толку многу луѓе за да го поздрават претседателот Макрон и мене. Морам да признаам дека тоа ми беше убаво доживување“.

    На средбата на Г20 пред една недела во Италија, Меркел повеќепати демонстративно се покажа во друштво на социјалдемократот Олаф Шолц, актуелниот министер за финансии и човекот кој има најмногу изгледи да ја наследи. Тој во Берлин води преговори со Зелените и Либералите за формирање нова влада под негово водство.

    За деновите на самитот на Г20 во Рим, Меркел рече дека ѝ било важно да испрати една порака до народот: „Ако имаат чувство дека помеѓу актуелната канцеларка и веројатниот наследник има разбирање, тоа е смирувачки сигнал за светов, кој е прилично турбулентен и сметав дека е исправно тоа да се порача”.

    На прашањето со што ќе се занимава за кратко време кога веќе нема да биде на функција, таа одговара: „Тоа уште не знам. Реков дека прво малку ќе се одморам, па потоа ќе видиме што ќе ми падне на памет”. Вели дека ќе чита многу и ќе спие.

    Таа повеќепати нагласуваше дека смета оти лесно ќе ја препушти власта, а тоа го повтори и во интервјуто за Дојче веле кое е „едно од последните во својство на канцеларка”. Од една страна се радува, но признава и дека „секако ќе се појави и малку тага, бидејќи секогаш работела со мерак и тоа уште е така”. Вели дека мора да остане внимателна до последниот работен ден.

    На забелешката дека човек воопшто не може да си замисли по 16 години со Меркел на канцеларското столче да седне друг, сѐ уште канцеларката трезвено со насмевка одговара: „Ќе се навикнете и на тоа”.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира