НОВ МЕТОД ЗА МЕНУВАЊЕ НА СЛУЗНИЦАТА НА ХРАНОПРОВОДОТ ОД ДЕНЕС СЕ РАБОТИ НА КЛИНИКАТА ЗА ГАСТРОЕНТЕРОХЕПАТОЛОГИЈА

    НОВ МЕТОД ЗА МЕНУВАЊЕ НА СЛУЗНИЦАТА НА ХРАНОПРОВОДОТ ОД ДЕНЕС СЕ РАБОТИ НА КЛИНИКАТА ЗА ГАСТРОЕНТЕРОХЕПАТОЛОГИЈАД-р Калина Гривчева-Старделова со тимот кој ги изведе нтервенциите на чело со д-р Иво Бошкоски. (Фото: К. Попов)

    Тројца пациенти кои се лекувале на Клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје, денес беа селектирани за новиот метод, радиофреквентна аблација кај пациенти кои страдаат од Баретов езофагус, или метода со која се спречува појава на карцином на хранопроводот, најави директорката д-р Калина Гривчева-Старделова. Постапката се изведува во амбулантски услови од гастроентеролог, а пациентот е под анестезија.

    Интервенциите ги изведоа докторите Владимир Андреевски и Урим Исахи, на чело со д-р Иво Бошкоски, кој работи како гастроентеролог и ендоскопист на „Џемели“, еден од најголемите онколошки и научно-истражувачки центри во Италија.

    Д-р Гривчева-Старделова, д-р Бошкоски, д-р Андреевски и д-р Исахи по денешната прва интеревенција со новиот метод. (Фото: К. Попов)

    „Станува збор за предканцерозна болест која што доколку не е третирана адекватно, настанува канцер. Нема голема инциденца, но сум пресреќен дека денеска во Македонија благодарение на проф. д-р Старделова и на целиот тим, на Клиниката почнаа ваков тип на интеревенции. Со докторите Андреевски и Исахи ја направивме интревенцијата заедно, јас правев само опсервација, сѐ беше совршено. Технологијата е најмодерна, буквално истиот апарат го имаме во болницата ‘Џемели’ во Рим“, рече д-р Бошкоски.

    Тој појасни дека при изведување на оваа процедура се користи електрода монтирана на ендоскоп за да се испорача топлинска енергија директно до променетото ткиво на хранопроводот. Гастроентерологот бира соодветна електрода за процедурата, што зависи од должината и количината на Баретовиот хранопровод. Овој процес обично трае околу 10 минути и резултира со аблација на ткивото. Во период од шест до осум недели, ткиво кое е третирано се заменува со нормална слузница.

    Директорката и д-р Андреевски говореа за тоа дека порано пациентите за оваа процедура биле праќани во странство. Лекувањето кај нас е на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ). Отсега пациентите, ќе може да ги третираат во Македонија, што за нив значи помали трошоци и побрзо добивање на потребната здравствена услуга, а за здравствениот систем е значајна заштеда, затоа што една ваква интервенција во странство чини и до 15.000 евра по интервенција, а во некои случаи е потребно е и повторување на интервенцијата.

    „Значајно за Клиниката за гастроентерохепатологија е и тоа што има можност да стане регионален центар за овие интервенции, што може да даде значаен придонес во нејзината финансиска кондиција и можностите за понатамошен развој и унапредување на портфолиото на здравствените услуги“, кажа д-р Гривчева-Старделова, додавајќи оти имало двајца пациенти кои се лекувале во странство, во „Џемели“, Италија.

    Постапката се изведува во амбулантски услови од страна на гастроентеролог, а пациентот е под анестезија. (Фото: Клиника за гастроентерохепатологија )

    Д-р Бошкоски се надоврза дека кога ендоскопистите во целата земја знаат дека на Клиниката за гастроентерохепатологија постои ваква интеревенција, тие тука директно ќе ги упатуваат пациентите. На тој начин автоматски имате регионален центар, рече тој.

    „Можеби не е е фрекфентно, но не е за потценување, бидејќи споредено со општата популација, ризикот за трансформација во карцином на хранопроводник е за 30 пати поголем кај оние пациенти кои имаат Баретов езофагус. Навистина се работи за ретка, но сериозна состојба, која на овој начин можеме успешно да ја лекуваме“, кажа д-р Андреевски.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира