Осудениот во „Рекет“ Зоран Милески – Кичевскиот кој на 4 септември незаконски со својот мерцедес излезе од својата коловозна лента на автопатот Гостивар – Кичево, на полна линија, и претекнувајќи удри директно во автомобил што возел отспротива, при што загина еден патник од тоа возило, доби затворска казна од само 6 месеци.
Обвинетиот ја признал вината, побарал со спогодба условна казна, добил затворска од 6 месеци за претекнувањето на полна линија во кое покрај загинатото 32-годишно лице, имаше и седуммина повредени.
Првостепената пресуда му ја изрече Основниот суд Гостивар, на предлог на обвинител од ОЈО Гостивар.
Сообраќајката се случи кај превојот Стража, во период кога Милески имал привремен прекина на казната за да се лекува. Како тоа болен го управувал автомобилот низ патиштата низ Македонија, судско-затворските власти не ги интересираше.
Со него во „мерцедесот“ тогаш беа двајца српски државјани. И тие беа повредени во несреќата.
Милески издржува тригодишна затворска казна откако претходно призна вина и за случајот „Рекет“, но не е во строг затвор, туку во отвореното одделение во Затворот во Струга. За сообраќајката веднаш судија на претходна постапка му одреди притвор, но брзо излезе од притвор и се врати во струшкиот затвор. Според кривичниот совет од истиот, од Основниот суд Гостивар, тој веќе е затвореник и не можела да опстои мерката притвор.
Така тој од притвореник за тешка сообраќајна несреќа со која предизвика смртни последици и тешки повреди кај учесниците, заврши прво со одлука дека е неправедно во притвор, со предлог од обвинителот да добие само 6 месеци зашто не бил пијан, ни дрогиран и со голо прифаќање на судот на минималната казна што ја побарал обвинителот.
С. К. ДЕЛЕВСКА