1. Кој велеше дека ВМРО-ДПМНЕ и ДА паднале во брачна криза? Да беа раскарани, немаше да излезат толку насмеани од партиското помирување на Сајмиштето. Што мислеа другите, дека на Сајмиштето ќе се организира панаѓур? И дека така евтино ќе се растури коалицијата? И тоа само затоа што Циле рече дека нешто не е многу задоволен, а Љубчо е задоволен од првите “медени” 100 дена. Кај може Циле да се задоволи кога никогаш не е во земјата да ги почувствува благодатите на промените.
Башка, какви се тие зајадливи коментари околу различните изјави за диригираното вработување. Во ист ден Циле зборува за диригирано вработување, а Љубчо вели дека не размислува за такво вработување. Веројатно така се усогласиле на меѓупартискиот самит.
Како и да е, брачните партнери остануваат заедно. Кога станува збор за стабилна врска. Љубчо и Циле се во брак од интерес. А таквите бракови опстануваат. Убавината и љубовта се минливи, ама интересите се вечни. Башка, кризата во браковите од интерес се решава со скапи подароци.
Затоа Љубчо им порача на душманите да пукнат, ама тој и Циле ќе продолжат да си живеат во брачна идила. И нека престанат сватовите, и од едната и од другата страна, да шират гласови дека нешто не им било во ред. Демек, во брачната заедница, едниот партнер бил бисексуалец. И – кој е сега педерот? Потпретседателката Доста Димовска пред камерите на самитот таинствено се смешкаше и велеше: “Па не знам сега, ќе ја видиме таа работа!”
Ќе ја видиме сигурно. Кога на бабата ќе ѝ ги видиме забите.
2. Нашата национална трагедија е што оваа работа не ја гледавме уште во 1990 година, кога промените се случуваа насекаде низ Источна Европа. За девет години, белки ќе се изнаживееја и едните и другите. Вака ќе треба да ги чекаме и овие да се изживеат. Па сега на Љубчо му се случуваат кадри со таков профил, како оние што го зезнаа Бранко. Барем такви до сега се изнагледавме и пропативме. Оти ситниот човек не станува голем со самото тоа што ќе седне на некоја голема фотелја. Таков човек може да направи само поголема беља.
3. Премиерот не сака бељаџии. И затоа си се има осигурано, кога ќе се појави на интервју на државната телевизија да знае што ќе го прашаат. Исто така правеше и неговиот претходник. Од целиот разговор нема што да запаметиш. Освен можеби: “Господине премиере, дали сте заморени од напорниот ден?” и “Кој се грижи за вашиот имиџ”. А тоа, ќе признаете, е клучниот проблем што треба да го реши премиерот по првите 100 дена владеење.
Господине премиере, кажете ми што да ве прашам? Ова е време на промени. Не се менува стилот на интервјуто. Не се менува ни новинарот. Се менуваат само премиерите.
Впрочем, новинарство од типот “кажете ми што да ве прашам” е многу важно за успехот на секоја владејачка гарнитура. Веројатно, според таквото сфаќање на работите функционира четвртата власт, за која ни зборуваше Васил Тупурковски во предизборната кампања. И претходната влада четвртата власт ја контролираше со инсталирани партиски комесари по редакциите. Бидејќи е време на промени, се сменија и комесарите. Тоа е многу здраво за новинарството, особено кога претендира да биде некаква власт, па макар и четврта. Како да владее, кога не знае по чија партиска директива?
4. Европската комисија си даде колективна оставка по обвинувањата дека во неа царувал непотизмот. Замислете, некоја еврокомесарка се чувствувала одговорна бидејќи за советник си го поставила личниот стоматолог. Човекот не ѝ е ни роднина. Да умреш од смеење. Замислете што би се случило ако сиромашката еврокомесарка за советник си ја поставела личната гледачка. Би се самоубила.
Европејците се многу студени и бескрупулозни луѓе. Затоа и не сакаме да ги примиме во наше друштво. Што ќе ни се такви? Какви се тие искривоколчени сфаќања за власта? Нашето домаќинско сфаќање е таткото да се грижи да си ги здоми децата, внуците, роднините и пријателите. Зошто тогаш би се борел да дојде на власт?
Кај нас нема непотизам, или не дај боже вработување по пријателска линија. Проблемот е само во тоа што сме мала држава. Па сите се знаеме меѓу себе и сите ни се или роднини, или пријатели, или од друга партија.
5. МВР не сака да му ги плаќа прескапите пасоши на ЗУС, па додека не направи нови, граѓаните џабе чекаат пред шалтерите. Пасоши нема. Значи, од оваа земја не може ни да се избега.
И добро е што МВР не дава пасоши. Како тргнала работава, и ова малку Македонци што останаа, ќе се разбегаат. Ќе останат само војниците на НАТО и бегалците од Косово.
Така ќе се оствари прогнозата на оној “военополитички коментатор” од Србија кој му го запре здивот на Латас на ТВ Сител, плашејќи нé со војна и со поделба на Македонија. Бидејќи ова е демократска држава во која нормално има и Совет за радиодифузија кој внимава што сé се емитува низ македонскиот етер, сосема е нормално на македонскиот граѓанин да му се сервира непријателска пропаганда. Сигурно и во времето на Студената војна можело да се случи во САД на некоја приватна телевизија да дојде гостин од странство и да ги пропагира советските идеи, и никој да не реагира.
Без потреба луѓето прашуваат дали во оваа држава има државни органи? Има, ама немаат време да гледаат телевизија. Зафатени се со промените. На работните места.
6. Минатата година ова време Циле ја формираше ДА и најави македонска пролет. На годишнината од македонската пролет врне снег и прилично е студено. Не знаеме само дали врне за да имаме бериќетна година, или врне зашто и Господ плаче за нас.