Полицијата денеска извршила контрола во магацините на Градскиот трговски центар во Скопје по добиена пријава дека „имало поставено машини за копање криптовалути“, но утврдила дека нема кражба на струја, соопштија од МВР. Оттаму потсетуваат дека копањето криптовалути не претставува кривично дело предвидено во Кривичниот законик.
Полицајците утврдиле дека броилата се во приватна сопственост и дека нема каква било кражба на електрична енергија, па нема ни елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик.
„Полициски службеници веднаш излегоа на лице место согласно пријавата, извршија разговори со одговорни лица на ГТЦ и со претставници од ЕВН, при што утврдија дека за броилата, кои се во приватна сопственост , не е утврдена било каква кражба на електрична енергија, по што е утврдено дека не постојат елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик. Во август 2021 година по претходно добиен оперативен податок за истото кривично дело ‘кражба на електрична енергија’, исто така е постапувано од страна на полицијата на истата локација и не е констатирана кражба на електрична енергија ниту се лоцирани компјутери за копање криптовалути. Имено, копањето криптовалути не претставува кривично дело предвидено во кривичниот законик на РСМ“, велат од МВР.