Поранешниот министер за финансии и носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, е нов претседател на Советот на Град Скопје.
Славески денеска беше избран за претседател со 26 гласа „за“. За него, покрај советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за Албанците/Алтернатива, гласаа и двајцата советниците на ЛДП и ДОМ, Никола Пановски и Теодора Крстевска.
Советничката од ДОМ Теодора Крстевска кажа дека остануваат опозиција во Советот, а изборот на Славески го поддржале за да има конструктивен Совет.
„Трајко Славески е докажана личност, со кредибилитет и верувам дека тој и градоначалничката Данела Арсовска ќе ги земат предвид нашите проекти кои ги претставивме во изборната кампања и за кои добивме над 10.000 гласови”, кажа Крстевска.
За изборот на Славески не гласаа СДСМ, ДУИ и двајцата советници на Зелен хуман град.
Во Советот на Град Скопје ВМРО-ДПМНЕ има 18 советници, а СДСМ 12. ДУИ има пет советници, Левица четири, а по две советнички места имаат Алијанса за Албанците/Алтернатива, коалицијата ЛДП?ДОМ и независните кандидати од Зелен хуман град.
А. АНТЕВСКА