1. На територијата на Македонија не паѓаат ракети, освен делови од воена опрема. Не паѓаат ни бомби. Никој нема да нé бомбардира однадвор. Се наоѓаме под заштита на НАТО. Темпираната бомба е поставена внатре, во самата држава. Косово веќе не е во криза. Милошевиќ го бомбардира Косово, НАТО го бомбардира Милошевиќ, а експлозиите ќе се слушаат во Македонија.
Американците секоја година организираат иселеничка лотарија. Луѓето се потпираат на среќата и добиваат виза за постојан престој во САД. Оваа година, луѓето не мора да се потпираат на среќата. Американската администрација овој пат може да си ја заврши работата со луѓето кои се потпираат на несреќата. Ем ќе биде во рамките на нивната политика за спречување на кризи ем ќе си поминат поевтино. Нема потреба да се организира иселеничка лотарија. Сега е време за инстант-лотарија. Сега кога Косово без Албанци не е кризно подрачје, за да се спречи темпираната бомба со бегалците да експлодира во Македонија, дел од бегалците можат преку инстант-лотаријата да се преселат во САД. Тамошните власти ќе си ги скратат маките за проверка на документите на доселениците. Ќе ги испратиме сите што ни дојдоа без документи. Тие нека им издадат документи, па после нека му ја мислат како ќе ги вратат во разурнатите домови во Косово. Нема што да му ја мислат, бидејќи, според нив, тоа ќе биде едноставна работа. Освен тоа, ние, како што сме широкогради, Ќе понудиме и хуманитарна помош. И онака фабриките што извезуваа за Србија, сега немаат каде да ги пласираат производите. Еве, за бегалците ќе обезбедиме ќебиња од “Тетекс”, сунѓери од “Силекс”, чоколади од “Европа” и детергенти од “Охис”. Ако треба, Циле ќе даде и 500 илјади долари од парите што ќе стигнат од Тајван.
И Европа е доследна на регионалниот пристап. Затоа и инсистира бегалците да си останат тука, во близина. Ако веќе десет години нé држат сите во регионов како заложници на Милошевиќ, зошто тогаш тоа не би функционирало и наредниве децении. Во нивната Европа владеат хуманизмот, почитувањето на човековите права и богатство. Тие се загрижени за нас, сочувствуваат со бегалците, ни изразуваат благодарност дека им помагаме во нивната мисија, дури ни даваат и хуманитарна помош… Сето тоа е убаво, ама ако можеше некако да изградеа еден нов Берлински ѕид некаде над Сава, ќе беше идеално.
2. Сепак, работите не се толку црни. На Македонците им претстои светла иднина. Наскоро ќе станеме малцинство во сопствената држава. И како малцинство ќе можеме да си ги бараме основните малцински права. Бидејќи САД и Европската унија секогаш ги штитат малцинските права, тогаш ќе нé штитат и нас.
Се плашам само кој ли ќе ги прибере загрозените припадници на македонското малцинство од Македонија? Сé е веќе резервирано. САД и ЕУ имаат шанса да избираат. Или ќе организираат инстант-лотарија сега за Албанците од Косово, или во иднина ќе ја наменат за Македонците од Македонија. Важно, иако е игра на среќа – среќа нема.
3. Најдобар потег на македонската Влада е изборот на потпретседателката Радмила Кипријанова за редовните прес-конференции за безбедносната ситуација во државата. Професорката Кипријанова за македонската јавност доаѓа како “лексилиум” за смирување. Со Кипријанова, двапати на ден, ќе имате мирен сон, и покрај бучавата на хеликоптерите кои, којзнае зошто, кај нас имаат звук на авиони.
Кипријанова знае дека ситуацијата не е розова. Ама и не е толку црна. Затоа и внимава на својот изглед и прави комбинации во согласност со актуелната ситуација. Ни црно ни розово. Виолетово. Па става виолетов кармин, виолетова сенка на очите и носи виолетов цвет на реверот. Плус, секогаш ги проверува работите и не избрзува со проценките. Да ѝ се случи среде прес конференција да ѝ падна ракета пред очи, ќе трепне под очилата, и мирно ќе каже: “Ова не е ракета, зашто Владата не расправала по тоа прашање. А дали е бомба и дали експлодирала и зошто експлодирала, ќе ви соопштам на попладневната прес конференција. Читајте го соопштението на Владата, во него сé пишува”.
За побрзо решавање на кризата, премиерот Георгиевски, сепак, можеби требаше да се потпре на другата потпретседателка Доста Димовска. Госпоѓата Димовска е поенергична и е жена од акција. Ќе се договореше со коалиционите партнери и ќе излезеше со заеднички став – дали летаат хеликоптери или авиони над нашите глави. Освен тоа, и со облекувањето изгледа построго и поогнено од нејзината колешка. Можеби на прес-конференциите немаше да му објави војна на Милошевиќ, зашто тоа не било предмет на преговори со ДА, ама досега сигурно ќе го сменеше. Во пакетот промени, Милошевиќ сигурно немаше да куртули пред Доста.
4. Во нападите на НАТО врз цели во СР Југославија, Македонците покажаа невидена храброст. Ракетите паѓаат во Белград, а скопјани бегаат надвор од градот. Во Белград се организираат претстави, фудбалски натпревари и концерти на отворено, а во Скопје сé се откажува.
Поради ситуацијата, беше одложена и манифестацијата “Глумците пеат”. Не разбирам зошто македонските актери се определиле за ваков потег. Барем во досегашната практика, повеќето од нашите глумци на оваа приредба пееја српски песни.