Учениците од вишите одделенија на основното училиште „Лирија“ од Тетово изутринава протестираа пред зградата на општина Тетово. Тие бараа од градоначалничката Теута Арифи да се заангажира за итна санација на покривот на училиштето. По вчерашните обилни дождови во Тетово, покривот на училиштето на повеќе места попиштил и водата продрела во ходникот на најгорниот кат и во неколку училници.. Освен што гласно извикуваа „Поправете ни го покривот од училиштето“ учениците фрлаа кон општинската зграда со јајца. Протестот траеше кратко по што учениците се разотидоа а денес во училиштето немаше настава.
„Уште од вчера состојбата во нашето училиште се влоши и затоа ние повторно побаравме од Министерството за образование да ни испратат екипа за санирање на покривот. Од таму нѝ рекоа засега ништо не можат да направат бидејќи е време пред избори. Стапив во контакт и со Секторот за јавни дејности на општина Тетово за да се изнајде некое привремено решение додека не престанат врнежите. Во меѓувреме стручните служби на училиштето донесоа одлука да го затвориме вториот спрат од училиштето, бидејќи тука најмногу протекува покривот и постои опасност да падне малтерот и да повреди некое дете, а учениците ги префливме во подолните спратови“ изјави директорката на ОУ „Лирија“ од Тетово Шпреса Исеини.
Проблемот со покривот кој пропушта вода после секој пообилен дожд се провлекува години наназад и сеуште не е решен. Од страна на училиштето досега се поднесени голем број барање но за овој проблем сеуште не се изнајдени парични сретства.
„Досега до Министерството за Образование се поснесени повеќе барања за капитални инвестиции во училиштето, но одговорот секогаш беше ист дека засега нема доволно пари за вакви инвестиции. Минатата година, кога во Тетово исто така имаше обилни дождови на наше барање беше пратена екипа од Министерството која на лице место ја согледа крајно лошата состојба на училиштето, но досега немаме добиено никаков одговор од нив дали нешто ќе превземат. Во јуни исто така повторно пративме барање за сретства за санација но повторно добивме негативен одговор“ рече директорката Исеини.
Од Секторот за Јавни дејности на општина Тетово само кратко информираа дека поправка на покрив на училиште спаѓа во редот на капитални инвестиции за што е надлежно Министерството за образование а не Општината и решението на проблемот, односно обезбедување на парични сретства треба да оди преку Министерството а не преку Општината.
Основното училиште „Лирија“ од Тетово е едно од најстарите училишта во градот, кое работи уште од 1950 година. Освен вратите и прозорците, кои беа сменети минатата година преку странска донација, друго речиси ништо не е инвестирано во него. Дека училиштето како да е заборавено од власта е и податокот дека покривот на фискултурната сала, која е во состав на училиштето, сеуште е покриена со азбестни панели, што е строго забрането за простори каде престојуваат деца. Во училиштето „Лирија“ учат околу 1.000 ученици, а наставата се одвива на албански и македонски јазик.