1. Ние сме бескрајно среќни што во овие драматични моменти си го имаме Киро Глигоров за претседател на државата. Веќе станаа здодевни прес-конференциите на потпретседателката на Владата Радмила Кипријанова, која ја смируваше нацијата. Ситуацијата, во меѓувреме, ескалираше. Затоа, сега Киро Глигоров држи трибини со новинари за да нé развеселува.
На Телевизија А1 одамна не се емитуваат нови епизоди од “К-15”. Штета. Како инаку ќе дознаевме за доживувањата на Киро и Слобо? На пример, она кога македонскиот шеф на државата го барал по телефон Слободан Милошевиќ и кога не го нашол, оставил порака да му се јави. Глигоров го чекал повикот на Милошевиќ до 10 часот навечер, ама Слобо не му се јавил. На прашањето зошто сакал да се слушне со Милошевиќ, Глигоров одговори дека сакал само да се пошегува. Ха, ха, ха… Слобо не се јавил и не сфатил дека Киро го зафркава.
Шегата настрана, ама претседателот ни најави дека е време за прогласување воена состојба. Исто како во Југославија. А јас, пак, мислев дека сме некоја посебна држава. Или, пак, претседателот мисли дека е време да се активира вториот дел од референдумското прашање, па тогаш, навистина, ќе бидеме во воена состојба. Како што би рекол еуфорично насмеаниот Глигоров: “Дојди бе Слободане!”
2. Кога човек малку подлабоко ќе размисли, можеби Глигоров има право што мисли дека војната на Милошевиќ со светот е и наша војна. Кога бие противвоздушната одбрана на војската на Југославија, ние можеме да бидеме горди. Којзнае, можеби некоја од тие лансирни рампи или ракети што ги гаѓаат НАТО авионите се оние што ЈНА ни ги зеде од Македонија, заедно сосе паркетите, плочките и штекерите во касарните. Освен тоа, моите родители со децении издвојувале од месечниот личен доход по неколку проценти за потребите на ЈНА. Па, Милошевиќ се бори со наше оружје. Затоа и му даваме поддршка.
Не ми е јасно од кого ни се заканува воена опасност. Од НАТО? Од Албанија? Од Србија? Или од овие што пред неколку месеци дојдоа на власт по грешка на народот, па сега претседателот ќе ја поправа грешката со помош на СДСМ. Глупави гласачи, не знаат тие што е добро за нив. Нека си го слушаат претседателот. Државата е во опасност. Не се работи за предвоена состојба. Глигоров е одамна во војна. Со Владата на Македонија.
Сепак, мислам дека претседателот е во право што бара да се формира влада на национален спас. Ако таа влада треба да нé спасува, тогаш нека нé спаси од него, да не ни прогласи воена состојба.
3. Лидерот на СДСМ не сакаше да навлегува во некои продлабочени анализи на настојувањата на претседателот за прогласување воена состојба. Бранко се правдаше дека нема доволно информации, бидејќи СДСМ немал свој претставник во Советот за безбедност. А “Број 001”?
Значи, дури и СДСМ се откажа од Киро.
4. На ТВ трибината на Телевизија А1 не се појави ниту еден новинар од медиумите на албански јазик. Водителката, на една друга трибина, ден подоцна, објасни дека бил поканет еден новинар од албанско етничко потекло, ама не дошол во програмата.
За жал, кабинетот на претседателот имал само еден новинар Албанец на списокот за емисијата, па не можеле да му најдат замена.
5. Како што сме горди на нашето оружје со кое Милошевиќ му се спротивставува на НАТО, уште повеќе треба да се гордееме со македонската естрада. Пејачите ни се многу оригинални. Исти како во Белград. Никој нема намера да им го бомбардира Камениот мост на Вардар, ама и тие си носат мети како нивните српски колеги и пеат пред сликите на Милошевиќ. Тие што ги бидува пеат дури и на српски јазик. Тоа повеќе го пали народот да скандира “Југославија, Југославија!” среде плоштадот Македонија во Скопје. Единствена утка е што некои од присутните на митингот носеа југословенски тробојки, ама со ѕвездата петокрака на СФРЈ.
Македонските пејачи се многу потресени поради бомбардирањата на Југославија. Тие сигурно биле потресени и кога генералот Младиќ две години ги распаметуваше сараевчани со гранатирањето од околните ридови. Којзнае колку биле несреќни и кога се случуваа масакрите во Вуковар и во Сребреница. Сигурно тагувале и за Дубровник. Ама, некако тогаш не им беше до пеење. Немало потреба. Тогаш српската војска си ги ослободуваше своите територии.
Убаво што македонската естрада пее за Србија. да требаше да пеат за Македонија, сигурно веќе ќе беа преку граница.
6. Претставниците на НАТО и на Високиот комесаријат за бегалци при ОН во Македонија си ги поделија задачите. Според поделбата на трудот, еден ден држи прес-конференција НАТО, а другиот ден Високиот комесаријат за бегалци.
Тоа е вистинска пазарна економија. Прво настапува производителот, а потоа потрошувачот.