ЕБОР, ЕУ И ПОВЕЌЕ БАНКИ ДОНИРАА 50 ДРВЈА КАТАЛПА ВО АЕРОДРОМ ЗА ПОЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА

    ЕБОР, ЕУ И ПОВЕЌЕ БАНКИ ДОНИРАА 50 ДРВЈА КАТАЛПА ВО АЕРОДРОМ ЗА ПОЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНАДрвјата се донација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската Унија (ЕУ), Австрија и локални банки. (Фото: ЕБОР)

    Педесет садници, дрвја од видот каталпа, денеска беа засадени во Рајскиот парк во скопската Општина Аеродром како придонес за чист воздух и зачувување на животната средина. Дрвјата се донација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската Унија (ЕУ), Австрија и локалните партнерски банки „Шпаркасе банка“, „НЛБ банка“, „ПроКредит банка“ и „Комерцијална банка“, како дел од Програмата за финансирање на зелената економија на Западен Балкан (Western Balkans Green Economy Financing Facility – GEFF – ГЕФФ), која ги поддржува домаќинствата за инвестиции во подобрувања на енергетската ефикасност.

    Претставникот на ЕБОР за Македонија Анди Аранитаси рече дека подобрувањето на енергетската ефикасност води кон помало користење на енергија, помали сметки и општо земено, подобар квалитет на живот. Од ЕБОР велат дека домаќинствата кои сакаат да ја подобрат енергетската ефикасност во домовите може да аплицираат за специјално наменетите кредити преку ГЕФФ партнерските финансиски институции. Домаќинствата ќе добијат грант финансиран од ЕУ, во износ до 20 % од вкупната сума на кредитот.

    „Зелениот договор има за цел да ги насочи политичките амбиции во справување со климатски промени, еколошката деградација и колапс на биодиверзитетот во преземање сеопфатни практични чекори.  Програмата за финансирање на зелена економија која е кофинансирана од ЕУ, има помогнато на повеќе од 2.500 домаќинства преку инвестиции во заштеда на енергија“, рече евроамбасадорот Дејвид Гир.

    Австрискиот амбасадор во земјава Георг Воутсас смета дека енергетската ефикасност е моќен извор за експлоатација, но бара заеднички напор и соработка. Тој денеска кажа дека Австрија, досега има доделено над 5 милиони евра во ГЕФФ Програмата, и е клучен партнер во оваа иницијатива.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира