Саудиец осомничен за вмешаност во убиството на новинарот Џамал Кашоги е уапсен на аеродромот „Шарл де Гол“ во Париз. Халед Аед Алотаби е еден од 26-темина Саудијци кои Турција ги бара во врска со убиството.
Триесет и тригодишниот Алотаби, кој е поранешен припадник на обезбедувањето на саудиското кралско семејство, патувал под своето име.
Кашоги, кој важеше за еден од најгласните критичари на саудиските власти и пишуваше колумни за „Вашингтон пост“, последен пат бил виден како влегува во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул во октомври 2018. Тој бил убиен од тим на агенти, кои наводно се обиделе да го убедат да се врати во Саудиска Арабија. Турските власти веруваат дека агентите биле испратени од највисоките структури на владата на Саудиска Арабија.
Убиството му нанесе голема штета на саудискиот принц Мохамед бин Салман, иако тој ја негираше својата вмешаност. Во 2019, саудискиот суд осуди осуммина неименувани луѓе во врска со убиството.