Стотина домаќинства од Општина Валандово се пријавиле за селекција на отпад и подигнале кеси со бар кодови од ЈП „Комунален сервис“, во кои ќе складираат пластика и хартија. Тие преку мобилна апликација ќе известуваат дека кесите се полни. Овој проект го иницираше Марио Томов од „Селектирај отпад“ и ја креираше мобилната апликација. Домаќинствата кои ќе достават најмногу селектиран отпад ќе добијат и парични награди.
„Интересот од ден на ден расте. Само во првата седмица наши екипи подигнаа 40-ина кеси со пластика. Наполнивме цел трактор со кеси со пластика и хартија, кои се транспортирани во посебна просторија во пожарната. Оттаму, пластиката и хартијата ќе се подигаат од фирми кои ги преработуват како суровина, но таа постапка ја преземаат иницијаторите на проектот, односно од ‘Селектирај отпад‘. Ние само помагаме во целиот процес“, информираше Емилија Заева Костова, директорката на ЈП „Комунален сервис“ и додаде дека селектираниот отпад ќе се подига секој петок.
Задоволство од процесот изрази и тимот на „Селектирај отпад“. Марио Томов вели дека овој проект, кој доби поддршка и од Фондот за иновации, е во интерес на зачувување на животната средина.
„Целта на мобилната апликација и самиот проект е зачувување на животната средина, но и заработка од отпадот кој може да се искористи како секундарна суровина. Со рециклирањето на отпадот решаваме повеќе општествени проблеми. Целта ни е и да ја подигнеме и јавната свест“, вели Томов.
В. ТРАЈКОВ