Делчево има автобуска станица, но нема автобуси. Како никогаш досега има голем број патници, но немаат автобуски превоз не само за соседните градови Пехчево, Македонска Каменица, Берово, туку и за поголемите центри како Кочани, Штип, Велес и за Скопје, па градот е како отсечен.
Единствено и најсигурно може да се патува со свое возило или евентуално со едно од петнаесеттината такси-возила колку што ги има во овој град. Индивидуално можете да се изнајми и комбе, но и тие повеќе се насочени кон сигурен локален транспорт како што е превозот на ученици до училиштата и работници до нивните фабрики.
„Ние и за најмала потреба во Кочани, Штип, Велес или Скопје мораме да ангажираме свое или такси возило. За било која спомената дестинација најисплатливо е фамилијарното патување со свое возило, додека за едно или две лица најевтино е со такси“, велат студенти од Делчево кои почесто патуваат за Скопје или за Штип.
Некои од нив додаваат дека е добро што Делчево го има такси оператор кој со своите десеттина возила колку-толку ги задоволува потребите. Диспечерот Лео Петровски вели дека нивната компанија се обидува да им излезе во пресрет на граѓаните и да ги прилагоди цените за превоз според можностите.
До Штип превозот со такси само за едно лице чини 600 денари во еден правец или едно возило за 1.900 денари во двете насоки. За Скопје превозот чини 500, односно 1.000 денари ако има четворица патници или едно возило со чекање околу 3.500 денари во двете насоки, а за Велес најмалку 2.000 денари.
„Тоа што нема не редовна, туку никаква автобуска линија најдобро го почуствувавме ние што требаше да патуваме до регионалните центри за вакцинирање против ковид-19. И за двете дози моравме на два пати да си го организираме сами превозот до регионалниот центар. Првиот пат за Штип и назад до Делчево бевме неколку колешки и сосетки и патувавме со такси, а потоа со наше возило“ вели Марија Спасеновска, која заедно со колешките патувале за Штип каде ги примили двете дози вакцина.
„Од Штип за Делчево и обратно, можеби повеќе од две години нема автобус. Која е причината за тоа не знаеме, но знаеме дека многу патници доаѓаат и прашуваат за оваа патна дестинација. Останатите градови од регионот не ги укинаа автобуските линии, но значително ги редуцираа, некои останаа само на еден автобус “ велат од билетарницата на автобуската станица во Штип.
Во центарот на Делчево, каде е такси паркиралиштето, две жени чекаат такси за да одат на лекарска контрола во Клиничката болница во Скопје, која е една од најчестите дестинации на делчевчани во последните години.
„Наше Делчево автобуси нема, но затоа туристичките агенции од Кочани и некои други градови имаат автобуси и редовни линии дури и за странство. Мој роднина од Виница ќе оди за Италија за каде секој вторник и сабота има редовна автобуска линија која започнува од нивниот град“, вели едната делчевчанка.
Општина Делчево смета дека проблемот не е во нејзина надлежност.
„Делчево има автобуска станица во сопственост на приватно лице кое стопанисува со просторот како што нему му одговара. Делчево нема редовна автобуска линија можеби повеќе од десет години, но со појавата на пандемијата и намалувањето бројот на патниците, редовните автобуски линии станаа крајно неисплатливи“, вели Звонко Атанасов, раководител на Оделението за урбанизам и сообраќај во Општина Делчево.
Градоначалникот Горан Трајковски смета дека ваквата состојба е уште од многу одамна, со пропаѓањето на автотранспортното претпријатие „Полет“ од Делчево. Денес, од истите економски причини превозниците немаат интерес да регистрираат и да бараат лиценци за автобуски линии не само за соседните градови Пехчево, Берово и Кочани, туку и за Штип, Велес и Скопје.
Т. ЈОВАНОВСКИ