Се верува дека најмалку 50 луѓе загинале во налетот на торнадо во југозападниот дел на американската сојузна држава Кентаки.
„Знаеме дека ќе имаме повеќе од 50 мртви од овој настан, а бројката би можела да биде и значително поголема“, изјави гувернерот на Кентаки, Енди Бешир.
Тој додаде дека најголемите уништувања се забележани во округот Грејвс, особено во градот Мејфилд.
„Мејфилд е многу тешко погоден“, кажа Бешир.
Ова е еден од 24-те торнада што Националната метеоролошка служба ги регистрираше во Арканзас, Илиноис, Кентаки, Мисури и Тенеси. Потврдено е дека во Арканзас има најмалку двајца загинати, а во Тенеси тројца. Лошите временски услови ќе опфатат и други сојузни држави во текот на викендот и на удар би можеле да се најдат и градовите Нешвил и Мемфис.
Дваесетина луѓе се заглавени во дом за стари лица во Арканзас откако се урнал покривот, а се верува дека заглавени работници има во складиште на „Амазон“ во Илиноис.
„Не знаеме колку луѓе се повредени при уривањето на покривот на складиштето во Едвардсвил, но станува збор за инцидент со многу жртви“, напишаа локалните итни служби на Фејсбук.