Форумот за управување со интернетот на Република Северна Македонија (ИГФ МКД) годинава го имаше своето петто издание. ИГФ МКД е една од ретките национални иницијативи, дел од Глобалниот форум за управување со интернетот, која има правна структура според локалното законодавство, согласно Законот за здруженија и фондации. Иако во многу земји националните иницијативи функционираат како неформални здруженија, кај нас правната форма беше креирана пред сè заради видливост, транспарентност и отчетност.
Минатогодишниот настан беше целосно онлајн настан поради пандемијата, а годинава се одржа во хибриден формат во амфитеатарoот на ФИНКИ во Скопје.
Покрај релевантните домашни дискутанти, на годинашниот форум учествуваа истакнати членови на меѓународната заедница за управување со интернетот, и тоа: од Србија интернет гуруто Влада Радуновиќ од ДиплоФондација, од Албанија Фотјон Коста, координатор на ИГФ АЛБ, а во сесијата посветена на е-трговија, свое излагање имаше Георги Димитров од Евротруст Технолоџис, Бугарија.
ИГД МКД е отворен, инклузивен и неформален простор за дијалог за прашањата на управувањето со интернетот (Internet Governance), помеѓу сите засегнати чинители во македонското општество, владата, пратениците, приватниот сектор, граѓанското општество, техничката заедница, образованието, медиумите, крајните корисници итн.
Целта на форумот е подигнување на свеста и промовирање подобро разбирање на „управувањето со интернетот“, изградба или зајакнување на капацитетот на овие чинители активно да учествуваат во националните процеси за интернет-управување, олеснување на дискусијата, размената на мислења и соработката за прашањата поврзани со интернетот, што се од особен интерес на национално ниво, овозможување на сите заинтересирани чинители да учествуваат како еднакви, односно рамноправни и да се придонесе во создавањето и одржувањето на блиски врски со регионалните SEEDIG и паневропски EuroDIG процеси и процесите на глобалната интернет-заедница за прашањата на управување со интернетот – Internet Governance Forum при UN.
Форумот за управување со интернетот Македонија – ИГФ МКД е во насока на решавање на прашањата како што се слободниот пристап, инфраструктурата, квалитетот на услугите, локалните содржини и локалните апликации, кибербезбедноста, политиките и регулаторната средина, балансираната родова застапеност итн. преку доведување на различните засегнати чинители на една платформа за широка дискусија за предизвиците со кои се соочуваат и преку дискусиите да предлагаат решенија. ИГФ МКД исто така се стреми да се идентификуваат локалните проблеми и да се предложат решенија преку обезбедување можност за јакнење на капацитетите на младите луѓе и за нив, да се идентификуваат нови проектни идеи во соработка со локални и со меѓународни експерти и споделување знаења и искуства и да се помогне во создавање на широка платформа за расправа за прашањата на управувањето со интернетот во Република Северна Македонија.