Кардиологот д-р Сашко Кедев е годинашен добитник на орденот „Св. Никола“ на Штип што се доделува секоја година на патрониот ден на градот.
„Доктор Кедев е специјалист-кардиолог и како доктор по медицински науки е предавач на Медицинскиот факултет во Скопје, а со стекнатите светски лиценци тој е меѓународен сертифициран интервентен кардиолог за САД и Европа. Како редовен соработник дал голем придонес во развојот и на Клиничката болница во неговиот роден Штип и на здравството во регионот“, вели Општина Штип која му го доделува највисокото одликување на градот.
Орденот му се доделува и за неговите успеси во областа на планинарството со што на најдобар можен начин ги презентира Македонија и Штип. Ги има искачено сите највисоки континетални врвови, а како трет Македонец во 2009 го освои и највисокиот врв во светот, Монт Еверест ( 8.846 м.н.м).
Минатата година во септември се искачи и на осмиот највисок врв во светот Манаслу ( 8164 м.н.м. ), исто така на Хималаите.
Општина Штип ги соопшти имињата и на добитниците на признанијата 19 декември што исто така се доделуваат во чест на патрониот ден на градот.
Тоа се: активниот спортски работник, трикратниот македонски олимпиец, борачот Зоран Шоров, потоа хуманистот кој градеше живеалишта на социјалните случаи Александар Георгиев, активистот за правата на лицата со посебни потреби Зоран Мијалков, младинскиот активист Дарко Тошиќ и општествено одговорната компанија, „Аџико“.
Орденот и признанијата ќе бидат доделени вечерва во 18 часот во Соборниот храм „Свети Никола“ во Штип .
Т. ЈОВАНОВСКИ