Шахистите на Алкалоид го освоија првото место на Европскиот клупски куп во Нови Сад, Србија откако во последното седмо коло од турнирот одиграа нерешено (3:3) со рускиот тим Легаси Сквер Москва. Македонскиот претставник го заврши Европскиот клупски куп со пет победи и две ремија, додека второпласираниот Медни Всадник од Русија имаше пет победи, едно реми и еден пораз.
Европскиот клупски куп е најелитното клупско натпреварување во шах на континентот и Алкалоид го освојува златниот медал првпат во својата историја. Триумфот во Нови Сад доаѓа на 40-годишнината од основањето на клубот и на 80-годишнината од формирањето на компанијата.
За Алкалоид, на турнирот настапија: Лирен Динг, Дмитри Андрејкин, Павел Елјанов, Дмитри Јаковенко, Јангји Ју, Јури Криворучко, Трајко Недев и Филип Панчевски, предводени од капитенот Драгољуб Јаќимовиќ.