ГОРД СУМ ШТО СУМ ПРВИОТ МАКЕДОНЕЦ НА МАГИСТЕРСКА ПРОГРАМА НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА БИЗНИС „КВЕСТРОМ“ ВО БОСТОН, ВЕЛИ 22-ГОДИШНИОТ ФИЛИП ХАНЏИСКИ

    ГОРД СУМ ШТО СУМ ПРВИОТ МАКЕДОНЕЦ НА МАГИСТЕРСКА ПРОГРАМА НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА БИЗНИС „КВЕСТРОМ“ ВО БОСТОН, ВЕЛИ 22-ГОДИШНИОТ ФИЛИП ХАНЏИСКИФилип Ханџиски на Факултетот за бизнис „Квестром“ при Универзитетот во Бостон (Фото: Приватна архива)

    Дваесет и двегодишниот скопјанец Филип Ханџиски е примен на магистерски студии по бизнис аналитика на Факултетот за бизнис „Квестром“ при Универзитетот во Бостон во САД. Ханџиски вели дека се израдувал кога на свеченото отворање му кажале дека е првиот Македонец на оваа магистерска програма.

    Со неговото запишување, на таблата со земјите од кои доаѓаат студентите отсега стои и Македонија, а наскоро во холот на „Квестром“ треба да биде поставено и македонското знаме.

    „Фактот дека сум првиот Македонец на оваа програма за мене носи големо значење и одговорност. Чувствував голема привилегија и гордост. Тоа е доказ дека има многу квалитетни луѓе во нашата држава. Покрај другите знамиња, сега ќе се вее и македонското знаме во ‘Квестром’“, вели тој за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    До Бостон Ханџиски стаса по студиите во Аризона, каде што четиригодишната програма по бизнис-аналитика на Универзитетот „Гранд Кањон“ ја заврши една година пред предвидениот рок, со просек 3,94 од можни 4,00.

    Роден во 2004 во Скопје, основното образование го завршил во ОУ „Кочо Рацин“ со одличен успех и Рацинови награди, а средното образование го почнал во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, на математички смер. Прва и втора година ги завршил со највисоки оценки. По преселбата на неговото семејство во Белград, третата и четвртата година од средното образование ги продолжил во меѓународното училиште „Прва современа“, каде што наставата ја следел на англиски јазик. Завршил А-ниво според образовниот систем на Кембриџ.

    Вели дека преселбите од Скопје во Белград, а потоа и заминувањето на студии во САД, го натерале брзо да се приспособува на различни средини, култури и образовни системи.

    „Тие транзиции ми помогнаа да станам приспособлив на различни услови, култури и предизвици. Исто така, ми помогнаа да бидам издржлив во предизвикувачки околности и ме изградија како самостојна личност. Секојдневието во кое живееш сам, заедно со сложеноста на различните образовни системи, те менува со поголема брзина од просечната. Поголемата одговорност во и надвор од амфитеатрите те учи многу за животот и, покрај сѐ, да уживаш во него“, вели Ханџиски.

    По средното образование се запишал на Универзитетот „Гранд Кањон“, на Факултетот „Коланџело“ во Феникс, Аризона, на студии по бизнис аналитика, каде ја добил Претседателската стипендија, највисоката академска стипендија на Универзитетот и се стекнал со диплома по бизнис-аналитика. Добил и посебно признание за почести од Колеџот.

    Ханџиски вели дека зад резултатите стојат многу работа и откажувања кои не се гледаат однадвор, а најголема поддршка во целиот процес му било семејството.

    „Зад овој успех стојат многу откажувања и работа кои повеќето луѓе не ги гледаат. Тоа се постапки и време што можат да ги разберат само оние кои биле на сличен пат. Најголем мотив во текот на целиот процес дефинитивно ми беше крајната цел поради која отидов во Америка, успех кој е субјективен за секого, но и моето семејство, кое воедно ми е најголема поддршка и мотивација. Без нив ништо од ова немаше да биде реалност“, вели тој.

    По дипломирањето, конкурирал за магистерски студии на некои од најдобрите универзитети во САД. Бил примен на речиси сите на кои аплицирал и добил високи стипендии, но се одлучил за Универзитетот во Бостон и Факултетот за бизнис „Квестром“. Таму ќе студира на магистерската програма по бизнис аналитика, а добил и добил и стипендија за академски постигнувања.

    „Бостон е најголемиот студентски центар во Америка, со најквалитетните факултети. Исто така, Масачусетс е најобразованата сојузна држава, а Бостон е светски центар со компании од областите на финансиската технологија, спортот, здравството и аналитиката. Универзитетот во Бостон е култен универзитет и очекувам, заедно со многуте ресурси и нивото на образование, да ме опреми со потребните технички и меки вештини за корпоративниот свет на Запад и за кариера во бизнис-аналитиката“, вели Ханџиски.

    Покрај образованието, голем дел од неговото детство и младост е посветен на спортот. Дванаесет години тренирал кошарка, играјќи за КК „Водно Санс“ во Скопје и КК „Визура“ во Белград. Вели дека искуството од спортот му помогнало и во образованието.

    „Спортот ме научи на слога, работа во тим и способност да импровизираш кога е потребно. Меѓутоа, најмногу од сѐ ме научи на дисциплина и упорност“, вели тој.

    На младите од Македонија кои имаат желба да студираат во странство им препорачува да не се плашат да излезат од комфорната зона и да ги искористат можностите што им се нудат.

    „Бидете подготвени да направите чекор повеќе за својата кариера и ако имате шанса за студирање во Америка, излезете од комфорната зона и прифатете ја можноста, бидејќи тој чекор е еден од најзначајните што ќе ги направите за својата кариера“, вели Ханџиски.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира