Унгарија ќе стави вето доколку Европска Унија предложи да бидат воведени санкции за претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто. Тој кажа дека ова го побарала новата германска министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
„Загрижени сме поради таквите изјави, затоа што БиХ е во нашата близина. Зачувувањето на мирот и стабилноста во таа земја е наш основен безбедносен интерес. Берлин е подалеку, но не така далеку да не можете да отидете до Бања Лука и да преговарате. Разговарајте со Србите, можеби тоа ќе ви помогне да ја сфатите ситуацијата“, напиша Сијарто на Фејсбук.
Тој потсети дека ЕУ може да воведе санкции само со едногласна одлука на сите земји-членки и порача дека Унгарија нема да даде поддршка за никакви санкции за Додик и дека ќе стави вето ако тоа биде предложено.
Најавите за санкции следуваат една недела откако парламентот на Република Српска изгласа да се почне со подготовките за формирање паралелни институции и за неприфаќање на низа закони кои се на сила во БиХ. Ова се однесува на воспоставување сопствени војска, разузнавачка служба, судски совет, обвинителство и индиректни даноци.