МЕСТО ДА ПОЧНЕ СО РАБОТА, ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТ СЕ ОТКАЖАА ОД ЗАЕДНИЧКО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО УЛИЧНИТЕ КУЧИЊА

    МЕСТО ДА ПОЧНЕ СО РАБОТА, ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТ СЕ ОТКАЖАА ОД ЗАЕДНИЧКО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО УЛИЧНИТЕ КУЧИЊАКучиња скитници има насекаде по улиците во општините од југоистокот. (Фото: СДК.МК)

    Место да почне да функционира за десетте општини од југоистокот, регионалното јавно претпријатие за заловување и третман на кучињата скитници ќе се ликвидира, а основачките права ќе се префрлат на општина Струмица. Ваква одлука донесе Советот на градоначалници од југоистокот кој на неколку седници расправаше за и околу функционирањето на новоформираното регионално претпријатие ,,Астра луна’’ чија цел ќе беше решавање на проблемот со уличните кучиња од југоистокот. За таа цел изминативе години беа набавени возила за заловување а во општина Струмица беше изграден прифатен центар со боксови, стационар а сличен требаше да се гради и во Валандово со средства обезбедени од меѓународни фондови.

    „Сметавме дека целиот проект е неиздржан и нефункционален за регионално ниво. Одлучивме секоја општина преку Советите да донесе одлука да се ликвидира ова регионално јавно претпријатие за да можеме да го префрлиме на општина Струмица која изрази интерес да го преземе. За возврат, Струмица треба да ги поврати основачките влогови на останатите општини“, ни изјави Андон Сарамандов, претседател на Советот на Југоисточниот плански регион.

    Ова значи дека општините од југоистокот со исклучок на Струмица и понатаму проблемот со кучињата скитници ќе го решаваат индивидуално со ангажирање на приватни фирми преку тендери.

    Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов потврди дека како општина изразила подготвеност да ги презеде основачките права на регионалното ,,Астра Луна’’, а досегашните влогови преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион да ги врати на останатите општини.

    „Сите општини од Југоистокот на наредните седници треба да донесат одлука за ликвидација на регионалното претпријатие, а ние да донесеме одлука за основање на наше општинско. Ова значи дека сами ќе го решаваме проблемот со кучињата скитници и се надевам дека во првите месеци од 2022 ќе отпочне со работа. Како градоначалник веќе имам планирано средства за таа намена во Буџетот на општината за идната година. Ќе настојуваме ова Јавно претпријатие да биде самоодржливо и да учествува на тендерите за заловување и хуман третман на кучињата од други општини“, вели градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов.

    Годишно, општините од југоистокот за решавање на проблемот со уличните кучиња трошат по околу 40-тина илјади евра. За оваа година општините Дојран , Гевгелија, Богданци и Валандово имаа склучено договори со фирмата ,,Анри Вет’’од Стојаково. Согласно потпишаните договори Гевгелија третманот на кучињата скитници ја чини 9.500 евра, Богданци 5.500, Валандово околу 4.800 и Дојран 2.500 евра.

    Радовиш за ова намена во мај ја ангажираше фирмата ДПТУ ,,Ветеринарна станица’’ од Неготино за износ од 8.100 евра, додека Општина Струмица последна ваква набавка направила во јуни 2019 за период од една година за околу 13 илјади евра со кумановската ,,Тодор Велков’’.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира