ОПШТИНА ШТИП БАРА МИНЕРИ, ГЕОЛОЗИ И ДРУГИ СТРУЧЊАЦИ ЗА ДА ЈА ОТСТРАНАТ ОПАСНОСТА ОТКАКО ОДРОНИ ПОТРУПАА ДЕЛ ОД ПЕШАЧКАТА ПАТЕКА И ТАЈНИОТ ТУНЕЛ ДО ВРВОТ НА ТВРДИНАТА ИСАР

    ОПШТИНА ШТИП БАРА МИНЕРИ, ГЕОЛОЗИ И ДРУГИ СТРУЧЊАЦИ ЗА ДА ЈА ОТСТРАНАТ ОПАСНОСТА ОТКАКО ОДРОНИ ПОТРУПАА ДЕЛ ОД ПЕШАЧКАТА ПАТЕКА И ТАЈНИОТ ТУНЕЛ ДО ВРВОТ НА ТВРДИНАТА ИСАРИсарот од источната страна 30-40 насто e пошумен и претставува жива ограда од одрони, но другите страни се голи само со карпи па затоа општинарите сметаат дека е потребно пошумување насекаде. ( Фото: СДК.МК )

    Општина Штип деновиве работи на ангажирање на минери, геолози и други стручни лица за да ја утврдат опасноста што од тврдината Исар доаѓа од напукнатите карпи. Од нив, пред десетина дена се одронија огромни камења врз пешачката патека и тајниот тунел кој според легендата постоел од 17. век.

    Големиот одрон се случил на 13 декември кога според првите проценки врз патеката се срушиле околу 200 тони поголеми и помали карпи и врз просторот каде е ограден тунелот што води кон врвот на тврдината. Карпите над тунелот постарите штипјани ја нарекуваат „Чикичан скала“ што значи отвор стена. Во стари време младите штипјани од оваа карпа се фрлале во реката која била веднаш до скалите за разлика од денешно време кога коритото на Брегалница е десетина метри подалеку.

    „Цела среќа е што масивниот одрон се случил преку ноќта кога по патеката која во друго време многу е посетена и има голем број минувачи од сите возрасти, ноќта немало никој. На 100 метри се првите куќи под Исарот чии станари на спиење го чуле силниот татнеж. И јас живеам во блиската населба Штипско Ново село и уште во ноќта се најдов на самото место на настанот“, вели ВД директорот на ЈП „ Стипион“ Игор Ефтимов.

    Тој вели дека веднаш го заградиле просторот од педесетина метри да не се минува по патеката оти карпи од време навреме уште паѓале. Кога се разденило виделе дека овој простор од Исарот е со карпести масиви прилично стрмни, дури под права вертикала и сите напукнати. Повеќе карпи големи колку автомобил убаво и денес може да се видат дека се многу напукнати и можат во секое време да се срушат од 20-30 метри висина врз пешачката патека.

    Ефтимов смета дека на санирањето на одроните и отстранување на опасноста од надвиснатите карпи ќе се работи и во наредната година. Се планира напукнатите карпи рачно постепено и една по една да се отстрануваат, а за да се ублажат некои евентуални нови одрони од паднатите камења да се направил еден одбранбен ѕид како одроните не би паѓале врз пешачката патека и тунелот до врвот на Исарот.

    Општинарите сметаат дека одроните од Исарот се многу важни и за останатите граѓани кои имаат свои куќи, посебно од источната страна на Исарот заради тоа што штипјани и во поново време почнале да ги градат своите куќи кон сончевата страна. Истовремено, се правеле и потпорни зидови и се посадувале зимзелени и други дрвја кои можат да виреат на карпест предел и истовремено да ги заштитуваат своите живеалишта од одрони.

    Ефтимов е на мислење дека пошумувањето треба да продолжи на сите страни околу исарот не само каде што има куќи, туку и кон местата каде што нема никакви објекти, но теренот е подложен на одрони како што е случајот со „Чикичан скала“ и други карпи кај тунелот што води кон врвот на тврдината.

    Овој таен тунел кој датира уште пред 650 година како легенда го спомнуваат штипјани и денес, дека османлиските војници ја освоиле тврдината кога виделе дека од отворот во карпите долу во ридот која во тоа време бил во реката Брегалница излегувале шатки што им било знак дека тие внатрешно доаѓаат по некој пат.

    Тоа, всушност бил тунелот што шатките, но и домашното население кое живеело скриено на врвот на исарот го користеле да одат да донесат јадење за да не бидат забележани од никого, да наполнат чиста вода од реката, а шатките по капењето и пиењето вода во реката да се вратат назад на врвот каде имало подземни и укопани живеалишта и за нив и за луѓето.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира