Кинотеката ја одбележува 25-годишнината од премиерата на филмот „Самуништување“ на Ербил Алтанај, по сценарио на Сашко Насев, со Јовица Михајловски во главната улога. Филмот е урбана трагикомедија за распаѓањето на семејството, а филмскиот критичар Стојан Синадинов од Кинотеката вели дека еден од трите елементи што го одредуваат „Самоуништување“ како уникатна појава во македонската кинематографија е ликот на Куплунг на Михајловски.
„Уникатен според бестијалниот карактер на сексуален предатор, тој саможив балканоиден мачомен на Михајловски веднаш по премиерата на филмот стана општопопуларен ‘чичко Куплунг’, антихерој со култни и често цитирани реплики. ‘Ќе ти купам десетка (ќебапчиња) со кромид да се осеќаш ко кинеска краљица!’ е една од нив. Реализиран во манир на ‘one man show’, Куплунг од ‘Самоуништување’ е предвесник на тоа што денес се (анти)јунаците што ги гледаме во бројните реални шоу на телевизиите“, вели Синадинов.
„Самуништување“ е проект на приватната продуцентска куќа „Нова продукција – Скопје“ на Јовица Михајловски, Георги Симеонов и Сашко Насев, формирана наменски за овој филм. Сценарист е Насев, тогаш беше веќе успешен и популарен драмски писател, денес универзитетски професор на скопскиот Факултет за драмски уметности, а неговото сценарио има работен наслов „Прирачник за самоуништување“. Неговите драми „Чија си“, „Грев или шприцер“ и „Женски оркестар“ на почетокот на 1990-те уриваа рекорди на гледаност во Драмски театар Скопје. Актерот Михајловски беше веќе етаблиран низ десетици драмски претстави, играни и ТВ филмови и серии, а играл во сите претстави според текстовите на Насев.
Во филмот играат и Катерина Коцевска, Оливер Митковски, дебитантката Силвана Ерац, Јелена Мијатовиќ-Галевскa, Бајруш Мјаку, Благоја Чоревски, Тони Михајловски и Валентина Божиновска.
„’Самуништување’ е социјална драма во која ‘златниот пресек’ на пролетерската гастрономија е четврт бурек со сирење (урда) или месо и чашка јогурт за појадок, манџа од зелка за ручек, и десетка ќебапчиња со кромид за вечера. И сето тоа обилно зачинето со агресијата во ликот на чичко Куплунг, тој егзотичен социопатски карактер каков што ретко сме гледале во домашните филмови: нешто помеѓу карикатура на транзицијата и стриполик антијунак“, вели Синадинов.
„Самуништување“ е дебитантски долгометражен игран филм на турскиот режисер Ербил Алтанај. Во 1970-те години тој е дел од новиот бран на кинематографијата во Турција со левичарски политички ангажман, најчесто како прв соработник-асистент на Зеки Октен, еден од најзначајните филмски автори во турската кинематографија на преминот на двата века, како и на Мехмет Аслан, Ергин Орбеј и други. По воениот пуч во Турција во 1980, Алтанај заминува од татковината и до крајот на првата декада на 21 век со сопругата живее во Скопје, по што се враќа во Истанбул. Пред „Самуништување“ режирал десетици епизоди од ТВ серијата „Македонски народни приказни“, а во 2004 во Турција го режира филмот „Во моето богатство има убава девојка“. Благодарејќи на Алтанај и копродуцентите на филмот, „Самуништување“ во 1997 добива и верзија насинхронизирана на турски јазик под насловот „Прирачник за самоубиство“, за дистрибуција и киноприкажување во Турција.