РАШКОВСКИ БАРА АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ДА ОДГОВОРИ КАКО ПРОЦЕНИЛЕ ДЕКА АВТОМОБИЛОТ „ДОЏ ВАЈПЕР“ ВРЕДИ 50 ИЛЈАДИ ЕВРА

    РАШКОВСКИ БАРА АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ДА ОДГОВОРИ КАКО ПРОЦЕНИЛЕ ДЕКА АВТОМОБИЛОТ „ДОЏ ВАЈПЕР“ ВРЕДИ 50 ИЛЈАДИ ЕВРАСпоред фотографиите испратени од Рашковски, автомобилот „доџ вајпер СРТ“ е без боја и делови од каросеријата.

    Поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски вели дека Антикорупциската комисија изнесува еклатантни невистини и притоа го обвинува за наводно сторено кривично дело, откако на вчерашната седница комисијата одлучи да поднесе иницијатива до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за утврдување на одговорност за Рашковски за примен автомобил на подарок.

    Антикорупциската комисија вчера објави дека сопругата на Рашковски во февруари добила на подарок автомобил „доџ вајпер СРТ“ од 2005 година, чија што пазарна вредност е најмалку 50 илјади евра, а во анкетниот лист на Рашковски е пријавено дека вреди 5 илјади евра. Автомобилот претходно бил во сопственост на лице, кое го наводно го купил од гостиварската фирма во ноември минатата година за 5 илјади евра, а според предметот на комисијата, истата гостиварска фирма во декември минатата година побарала од Генералниот секретаријат на Владата во декември 2018, додека генерален секретар беше Рашковски, за имот со деловен простор во Гостивар во сопственост на државата да ѝ биде пренесено правото на градење и уредување.

    Рашковски во денешната реакција побара од Антикорупциската комисија да одговори која е гостиварската фирма и јавно да ја објави процената на автомобилот за кој велат дека има вредност од 50.000 евра и да одговори дали некогаш го виделе автомобилот.

    Тој бара од комисијата и да ја објави одлуката на владата врз која наводно е влијаено да биде донесена, начинот на кој е влијаено да биде донесена како и евентуално преземените незаконски дејствија. Рашковски вели дека такво нешто не постои.

    Рашковски вели и дека прифаќа автомобилот да го продаде на Антикорупциска комисија за цена од 5 илјади евра, и во прилог на реакцијата испраќа фотографии од автомобилот.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира