Германија затвори три од преостанатите шест нуклеарни централи, додека постепено се откажува од нуклеарната енергија и се свртува кон обновливи извори. Владата ја забрза постапката за откажување од нуклеарната енергија по хаваријата во реакторот во Фукушима во 2011 година, како последица на катастрофалните земјотрес и цунами.
Реакторите во Брокдорф, Гронде и Гундреминген беа згаснати доцна синоќа по три и пол децении работа. Последните три нуклеарни централи ќе бидат затворени до крајот на 2022.
„Ви благодарам за посветената работа! Дадовме повеќедецениски решавачки придонес за безбедно, еколошко и сигурно снабдување со електрична енергија во Германија“, изјави Гвидо Кнот, извршниот директор на „Пројсен електра“, која управуваше со централите.
Шесте нуклеарни централи обезбедуваа 12% од произведената струја во Германија во 2021, додека уделот на обновливите извори порасна на 41%. Планирано е ова да порасне до 80% до 2030 година.