Близнаците Гриша и Игор Богданоф, кои во Франција беа големи телевизиски ѕвезди благодарение на нивната научна и научно-фантастична емисија, починаа од ковид-19 во рок од шест дена. Гриша почина на 28 декември, а Игор во понеделникот на 72-годишна возраст.
Двајцата не биле вакцинирани, зашто, како што кажаа нивни пријатели, биле убедени дека нивниот здрав начин на живот ќе ги заштити од вирусот. Тие биле примени во болница во средина на декември.
„Предоцна побараа лекарска помош зашто веруваа дека болеста е слична на грип. Тие не беа антиваксери, туку сметаа дека поради нивниот животен стил не се во опасност од ковид-19“, изјави нивниот пријател Пјер-Жан Шаленсон.
Браќата Богданоф имаа австриско благородничко потекло и важеа за ексцентрици. Се стекнаа со голема популарност како водители на ТВ-емисијата „Temps X“, која се емитуваше од 1979 до 1987 година и потоа останаа дел од францускиот јавен живот.
Во 1990-ите нивните лица драматично се изменија, но тие негираа дека правеле пластични операции, инсистирајќи дека експериментирале со природата и многу напредна технологија.