1. Ова собирањето потписи за поддршка на кандидатура за претседателски кандидати било многу сериозна работа. Нашите граѓани побрзаа уште првиот ден да се потпишат за своите миленици. Очигледно, најважна работа во животот им е кој ќе им биде претседател.
Оваа држава уште долго време ќе сонува за пазарна економија. Граѓаните не мислат како да заработат пари, туку кој ќе им биде претседател. Наместо да собираат потписи, можеа да се качат по планините и низ шумите да собираат лековити тревки и печурки. Тревките и печурките се откупуваат и за нив се добиваат пари. А од собирање потписи нема никаква корист.
Ако, пак, некој собирањето потписи го сфаќа како хоби, тоа е веќе сосема друга работа. Тоа е исто како да собираш пеперутки или, пак, егзотични билки. И потоа, дома си ги пресуваш и си правиш инсектариум и хербариум. Тоа хоби дејствува многу посмирувачки отколку чекањето пред вратите на канцелариите на Министерството за правда. Башка што е и поубаво за очи. Замислете кога ќе ги отворите страниците на инсектариумот, а пред вас ќе се појават сите оние пеперутки, бумбари, оси, стршлени… И вратете се во реалноста и отворете ги весниците со портретите и биографиите на сите кандидати за претседател. Што повеќе ве смирува? Погледот во инсектариумот или ветувањата за подобар живот.
Не верувам дека сите Германци го знаат името на својот претседател. И замислете, живеат поарно од нас. Ама тие не собираат потписи. Тие собираат марки.
2. Деновиве упорно се обидуваме да добиеме информација за осумте отсто што пензионерите треба да ги добијат наскоро. Прво, логиката вели дека штом наближуваат избори, пензионерите се стимулираат со повисоки пензии. И второ, сите извори навестуваат дека работата е веќе завршена, ама дека се чека погоден момент, радосната вест да ја соопшти лично премиерот Љубчо Георгиевски.
Со вакво гласачко тело, ми се чини дека Љубчо нема да го постигне посакуваниот ефект. Од собирањето потписи се виде дека на пензионерите им се поважни претседателите отколку парите. Тоа е веќе и докажано. Минатата година Бранко им даде, не осум, туку десет отсто, па пак изгуби. А Љубчо мисли неговиот кандидат да помине со осум.
3. Сега треба да го молиме Бога Кина да нé го нападне Тајван. Отиде нашата претседателска кампања по ѓаволите. Што кампања ќе биде ако го немаме Тајван? Позицијата нема да има со што да се фали, опозицијата нема да има што да напаѓа. И тогаш нема да има потреба од кампања.
Сепак, ако НР Кина се обиде да ја освои Република Кина, ние ќе помогнеме со сите расположиви средства. Веднаш ќе ја испратиме нашата елитна комитска чета ” Питу Гули” за брзи интервенции. Ако треба, ќе го усовршиме и црешовото топче со проект поддржан од Агенцијата за обнова и развој. Само тенковите не знаеме како да ги транспортираме. Бугарите не ни подарија амфибии. Во следната транша би ги замолил браќата Бугари да ни подарат еден носач на авиони. За веслата нека не се грижат. Ќе ги изделкаме сами во Охрид.
Единствен проблем е што претседателот Глигоров повторно може да стави вето и да забрани “Питу Гули” да излегува надвор од земјата за да не се загрози безбедноста на државата. Тоа ќе биде историска грешка на Глигоров. Затоа што со нашата борбена сила ќе постигневме повторно да станеме пријатели со Кинезите од големата Кина. Исто беше и со Турците додека нé ги исплашивме со нашите комити во 1903. Потоа се смиривме и еве сега сме најголеми пријатели. Станавме и крвни браќа откако Циле го легнаа да даде крв за настраданите од земјотресот. Никој не знае колку литри крв му зедоа.
Истото ќе се случи и со Кинезите. Кога ќе се соочат со нашите храбри комити, Кинезите ќе си речат: “Дај да седиме мадро, овие се опасни”, и повторно ќе се спријателат со нас. Затоа, во интерес на подобрувањето на односите со НР Кина, Врховниот командант Киро Глигоров треба да нареди пуштање на елитната комитска чета да го брани Тајван.
4. Македонија не е Кина. Во Кина, деновиве осудија на смртна казна некоја госпоѓа која формирала пирамидална штедилница. Кинеската Соња собрала 23 милиони долари со ветување големи камати, а 8 милиони “ги снемало” со фалсификување документи и со поткупување државни службеници.
И после нам некој ни префрлува дека не сме ги почитувале човековите права. Соња од Битола е среќна што живее во демократска Македонија, а не во недемократска Кина. Нејзината колешка не може ни да го избира начинот на погубувањето – куршум во тилот. А наша Соња избира стечајни управници. Колку што сме демократска држава, наскоро ќе ѝ овозможат и да ги менува и поставува судиите.
5. Во најделикатна ситуација е министерот за надворешни работи Александар Димитров. Тој е шеф на двајца потенцијални претседатели на државата – кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Борис Трајковски, кој е негов заменик, и кандидатот на ПДП Мухамед Халили, кој е амбасадор во Данска. Мора да е многу тешко да си шеф на претседателски кандидати. Сега Сашо мора да внимава и да не им се прави мангуп. Зашто, ако утре сака да стане амабасадор, Борис или Мухамед нема да му потпишат акредитив.
Инаку, Халили деновиве дојде од Данска и ни откри дека ова било држава без врска. И дека тој фактички ја претставувал токму оваа држава без врска. Е сега замислете како сите овие години тој ја претставувал Македонија.