1. До сега мислев дека пратениците на Демократската алтернатива ѝ требаат на ВМРО-ДПМНЕ само за пополнување кворум во Собранието. По завчерашното гласање за смена на членовите на Државната изборна комисија, се виде дека не ѝ требаат ни за кворум. Не ѝ требаат за ништо. ВМРО-вците можат да си изгласаат сé што сакаат и без нив. Не важи препораката на министерот за правда Владо Камбовски дека постапуваат незаконски. Тој е од друга партија.
А кој е, пак, тој Камбовски да им кажува што било законско, а што не? Батали закон, ова е револуција што тече. Ако не ти се допаѓа Ингилизова, има да ја нема. Бидејќи народот не знае што е добро за него, тие ќе му кажат. Како што правеа комунистите.
Туку, беља работа, од каде сега во редовите на револуционерната власт контрареволуционери. Нели не беше така договорено? Што им стана одеднаш на алтернативците, па им се налутија на соборците од коалицијата. Да не се налутија нешто поради Циле. Па убаво им беше речено дека однапред ништо не било договорено. А тие, сиромашките, скоро цела година се надеваа дека имало некаков договор. Можеби Циле навистина знаел дека немало договор, ама ретко кога беше тука за да им каже на сопартијците џабе да не се надеваат.
И сега разочараните алтернативци почнаа да го кочат револуционерниот процес. Флоровски ги обвинува дека прават диверзија. Со диверзантите мора да се расчисти. По куса постапка. Затоа, по паузата, гласањето помина како што замислија партизаните. Тие не прават компромис со диверзанти. Како коалициони партнери тие не се ни усогласуваат. ДА им е потребна да ја стави картичката за гласање во машината. Ако тие не сакаат да го сторат тоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги стави картичките сама.
Бидејќи е револуционерно време, зошто воопшто е потребно почитување на законите. Нека се укинат сите закони од претходниот ненароден режим, па еднаш навистина да заживееме во партизанско време. Ќе се живее по нови закони – сами ќе си ги донесуваат, сами ќе си ги спроведуваат.
Имаме партизани. Имаме и диверзанти. А богами и Тито е тука.
Еј, што ти било судбина. Светот отиде во 21 век, а ние уште живееме во 1945 година.
2. Како по војната. Тогаш комунистите насилно го одвојуваа народот од религијата. Сега, насилно го спојуваат. Ќе ти пеат или попови или оџи. Нема сакаш, не сакаш. Ќе се крстиш и ќе се поклонуваш. Да се чуди Господ.
Старите велат: Ова го немало, ни во турско, ни во каурско. Ама го има кај министерот Новковски. Не е важно што Уставот ја одвојува религијата од државата, не е важно што ни Владата не донела одлука училиштата да се претворат во цркви и џамии. Важно е што мисли министерот Ненад Новковски. Тој одлучува сам. Како Господ. Сила Бога не моли.
Укинува експериментална настава за 21 век, а ни ги враќа поповите и оџите како да сме во среден век. Бог да чува и да брани!
Сега сме, сепак, понапреднати. Имаме телевизија со детска програма. И директен телевизиски пренос на училишните верски служби. Беше многу интересно и убаво за гледање. Водителките беа поцрнети и дискретно разголени со голи грпчиња покрај поповите и оџите. Нема дискусија. Што е убаво, и на Господ му е мило.
3. И нашите стопанственици се како во 1945 година. На чело со Душан Петрески, разбира се. И ним им треба Тито да ги води по тесно патче планинско…
Како што Киро ги водеше истите луѓе во Русија, Кина и во Малезија, а Љубчо и Циле во Тајван, така и Борис ги одведе на Косово да им бара пазари.
Такви ни се стопанствениците. Постојано некој мора да ги води со себе и постојано плачат дека немаат услови за работа.
А не дека Косово досега не беше отворено за работа. Знам многу луѓе кои веднаш ја искористија ситуацијата и направија пари од Косово, ама немаат време за екскурзии. Ако го чекаа Душан Петрески да им го отвори пазарот, уште одамна ќе пропаднеа.
4. По повод полемиката што по смртта на министерот Стојкоски и на неговите сопруга и ќерка се разви околу КФОР и НАТО, се прашувам дали ако македонски државјанин направи сообраќајка во Норвешка, возејќи по автопат во погрешен правец, и еве – не мора да отепа министер, туку обични граѓани, ќе му биде судено во Скопје и ќе лежи затвор во Струга?
5. КФОР се грижи за македонскиот туризам. Во езерата не исфрла никакви контејнери со отпад, туку некакви огнени топки. Со оваа појава, македонските езера ќе бидат поатрактивни за туристите. Во Шкотска одат да го видат чудовиштето од Лох Нес, а кај нас на Преспа ќе одат да се воодушевуваат на глетката на огнените топки.
Гледате како НАТО си го одржа ветувањето. Ни ветуваше пари, влез во НАТО, политичка поддршка, што ти не… Од сите ветувања, добивме – топки.