На Велес му треба хидрантска мрежа во високите делови на градот, а во центарот и надземни хидранти, за да може противпожарната единица да интервенира брзо и ефикасно. Освен еден надземен хидрант кој функционира во центарот на градот, од неодамна се поставени уште два, кај Варналиите и на Езеро Младост. Но тоа не ги задоволува потребите на градот, како на левата страна така и во новиот дел на Велес.
За потребата од хидратни повеќе пати реагирал и командирот на Противпошарната единца Љупчо Лепидовски.
„Потребни се повеќе надземни хидранти на различни локации во градот, кои ќе ни ја олеснат интервенцијата. Така се добива на време и во брзина“, вели Лепидовски.
Градоначалникот Марко Колев вели дека е запознаен со ваквата состојба по укажувањата на пожарникарите и најавува дека се работи на решение. Во соработка со Пожарната веќе се одредени места каде е потребно да се постават надземни хидранти во централното градско подрачје.
„Има непокриени делови на градот со хидрантска мрежа. Во одредени делови притисокот на вода е многу мал и не може да се постават надземни хидранти за да функционираат. Во наредниот период треба да се работи на поставување нови водоводни мрежи, па кога тие ќе се сработат ќе има и поголем притисок и ќе може да се постават надземни хидранти. Тоа што се работеше изминатиот период околу водоводната мрежа во центарот на градот беше наследен проект и мораше да се заврши за да не пропадне ,и не бевме во можност на нив да поставуваме хидранти“, кажа градоначалникот Колев.
Минатата година велешките пожарникари имале помалку интервенции отколку во 2020. Втора година по ред се намалува бројот на активности околу локализирање на пожари во Велешко, но и соседните општини Градско и Чашка. Лани имале 311 интервенција, година пред тоа 321 а 351 во 2019 .
„Намалувањето на бројот на интервенции се должи на тоа што граѓаните поради ковид заразата беа повеќе дома, имаа можност да се грижат за имотот и домаќинствата. Влијание имаше и нашата едукација и кампањата за заштита од пожари“, вели Лепидовски.
Минатата година единствено се бележи раст при бројот на интервенции за запалени возила, кога пожарникарите во 26 наврати го локализирале огнот, 11 повеќе од претходната година. Лани од огнот биле опожарени 179 хектари и 71 декар површина под шума или трева. Најмногу гореше, безмалку еден месец, градската депонија за смет и тоа среде лето.
П. ПЕЧКОВ