1. Сé повеќе напредуваме. На 2 Август имавме две илинденски прослави. За 8 Септември, имавме три прослави на Денот на независноста.
Секој си имаше своја прослава. Претседателот Киро Глигоров приредуваше прием во Собранието на Македонија. Во исто време, Васил Тупурковски играше фудбал во Сарај. А вечерта Љубчо Георгиевски организираше културен хепенинг на скопското Кале. Само Арбен Џафери не прославуваше. Во неговото Тетово не беа развиорени државните знамиња, а и продавниците нормално си работеа.
Туку, што му стана на премиерот Љубчо Георгиевски, па избега од плоштадите каде што како опозиционер одлично се снаоѓаше и се качи на рид да му се обрати на народот. Кому му зборуваше Георгиевски качен на скопското Кале? На скопјани, на граѓаните на Македонија, или на оние илјада – две шетачи на кејот на Вардар кои се надеваа дека ќе присуствуваат на грандиозен културен настан. Каде му беше свртен погледот на премиерот? Ако гледал право – не гледал ништо. А ако сакал да ги види луѓето, морал да гледа надолу. А под него – бездна.
2. Коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДА во минатогодишната кампања играа фудбал на мали голчиња. Од тогаш до денеска уште не пораснаа. Се однесуваат како разгалени деца. Играат исто како кога некое дете ќе се налути и среде игра ќе си ја собере топката и ќе си замине налутено дома.
Политичарите од владината коалиција ни се како мали деца. Мери им го паметот.
(П.С. Нека не ми се лутат децата, нив немав намера да ги навредам)
3. Потпретседателот на Собранието Томислав Стојановски не игра на мали голчиња. Кога тој ќе се налути, играта завршува. Затоа и на кумановската телевизија изјавувал дека ако неговата партија нема кандидат во вториот круг, ќе го повикале членството да не излегува на избори, за да не се избере претседател. И после пак ќе се гласа. Сé додека не победи кандидатот што му се бендисува на Стојановски. Или ВМРО-ДПМНЕ ќе има претседател на државата, или нема да имаме претседател.
Па вие како сакате. Или ќе се натпреварувате, а ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе победува, или нема ни топка да ви дадат да си играте. Плус, Стојановски им порача на партнерите од ДА, ако не им чини, да ја напуштат коалицијата. Како што тргнал, не е далеку денот кога на сите што не се согласуваат со него ќе им порача да ја напуштат земјата.
4. Ситуацијата ја извлече принципиелниот Циле. Тој на телевизија изјави дека не постои коалиција која би опстанала, ако не се почитуваат темелните вредности на демократијата и правната држава. Така кажа пред луѓето, а после на Љубчо којзнае што му кажал. Така што принципиелно е договорено Саво да си ја признае грешката. Доблесниот Саво ја спасува коалицијата. Не дозволи Тито да го спасува него.
Среќа што Љубчо и Циле се договорија Саво да биде доблестен. Инаку сé ќе зависеше од Амди Бајрам. Излезе човекот со неговите надалеку чуени математички проценки: едните 60, другите 60 гласа, а јас 61, па коалиционите партнери мораше да се свестат што прават. Тешко на коалицијата што се потпира на математиката на Амди Бајрам.
5. Жените пропуштија, ако ништо друго, тогаш барем да имаат жена-кандидат за претседател на државата. Џабе ѝ е упорноста на Јагнула Куновска и изјавите дека таа оди докрај, кога жените не ѝ веруваат. На сите женски форуми, тркалезни маси и семинари, разните женски организации плачат и се жалат дека жената во Македонија не е вклучена рамноправно во политиката, а, од друга страна, не ја искористија историската шанса, за првпат да имаме жена кандидат за претседател на Македонија. Наместо да се организираа да ѝ дадат потпис на Куновска, па после и не мораа да гласаат за неа, тие стоеја во ред за потпис на машките кандидати. На следниот семинар нека плачат за нерамноправната положба во политиката. Нека им се умилкуваат на политичките партии.
Ова само докажува дека во Македонија сé уште не е созреана климата во која секоја готвачка може да биде политичар. Тоа тврдење важи само за мажите.
6. Министерот за образование Ненад Новковски, на ТВ Сител, по обвинувањата дека ги менувал прелиминарните листи за сместување по студентските домови, изјави дека тој како министер има право да располага со 200 места во студентските домови.
Блазе си им на министрите со нивните права. По истата логика, и министерот за здравство Драган Даниловски има право на 200 болнички кревети. Кљусев има право на специјална града од 200 војници. Павле Трајанов располага со 200 полицајци за лична заштита. Боби Спирковски може да резервира 200 бесплатни места во авионите и автобусите. Александар Димитров има 200 места во амбасадите низ светот. Владо Камбовски може да земе 200 затвореници да му работат за по дома.
Сепак, во најповолна положба е министерот за финансии Борис Стојменов. Што ќе му се кревети, што ќе му се затвореници и полицајци. По логиката на неговиот колега од Владата, тој би имал право на 200 милиони.