Десетици театри и музеи во Холандија на еден ден се претворија во фризерски салони и теретани во знак на протест против континуираното затворање на културните установи во земјата, иако рестрикциите беа олеснети во други сектори.
Холандија прогласи целосен карантин во декември и иако дел од мерките беа олеснети минатата недела, кога повторно почнаа да работат фризерските салони, теретаните и борделите, премиерот Марк Руте кажа дека кината, театрите, музеите и концертните сали ќе останат затворени.
Поради тоа, десетици уметнички организации денеска организираа протест наречен „Театарски фризер“, во кој театрите отворија како фризерници, а некои музеи како теретани. Така музејот „Ван Гог“ во Амстердам нуди потстрижување брада, шишање и маникир. Акцијата ја поддржаа и некои славни личности.
Минатата недела, во Холандија имаше 243.000 нови случаи на коронавирус, но бројот на хоспитализации е во пад.
„Приоритетите не се јасни. Зошто театрите остануваат затворени, додека на продавниците им е дозволено да работат“, изјави комичарот Сане Валис де Фрис, еден од организаторите на протестот.