Делови од млинот на „Жито Битола“ се стари над 120 години и заедно со неколку други се последните стопански објекти кои потекнуваат од османлискиот период, а ние како држава не направивме доволно за да го заштитиме, коментира историчарот Васко Ѓичевски по синоќешниот пожар кој предизвика големи оштетувања врз објектот на битолскиот мелнички комбинат. Во пожарот што беше едвај изгаснат по над 4 часа, изгореа горните делови од главната зграда на 4 ката, но за среќа не се прошири на силосите со жито. Немаше повредени во големиот пожар, а истрагата допрва ќе ги утврди причините за избивање.
„Жалосно е, но сепак морам да констатирам дека ние како град со особено големо културно- историско богатство, за жал немаме ниту еден историчар во Завод и музеј-Битола. Постојат низа објекти кои ни воопшто не се земени во предвид за обработка и заштита, а камоли за конзервација и презервација. Тоа пред сè е вина на државата, која воопшто не сака да вложи ни малку средства за заштитиа и афирмација на минатото“, вели Гичевски.
Според неговото истражување, на местото каде што е денешна „Жито Битола“ од памтивек имало млин. На тоа место се наоѓал еден од првите млинови во Битола и му припаѓал на богатиот Исмаил бег кој живеел за време на Османлиската империја.
„Во 1890/91 година на територијата на Битолскиот санџак имало вкупно 14 фабрики. Најголемиот дел биле од прехранбената индустрија и тоа 7 мелници во Битола со 20 валци. Најсовременениот млин бил ‘Драгор’ кој го изградил Исмаил бег некаде кон крајот на XIX век или според некои автори во 1902 година. Млинот работел со машини на парен погон. Парната мелница на Исмаил бег во Битола имала капацитет од десет тони мелено брашно, работела со 6 валци. Интересно е што овој објект од почетокот, па сè до денес опстоил како млин“, вели Гичевски.
Во текот на Првата светска војна млинот бил оштетен, а потоа сопственикот го продал на други лица. Во меѓувоениот период овој објект сменил неколку сопственици меѓу кои и Таса Тасиќ, индустријалец од Лесковац. Тој ја проширил мелницата и ја опремил со нови машини. Пред Втората светска војна мелницата произведувала околу 3 милиони килограми брашно и вработувала триесетина работници.
По Втората светска војна овој млин станал дел од ЗИК „Пелагонија“ како „Жито Битола“ и ја продолжува својата дејност. Во последните 30 години, минувајќи низ транзицијата на стопанството, претпријатието било во стечај.
Битолчани низ годините го паметат и сјајот и бедата на „Жито Битола“. Комбинатот од главен снабдувач на леб и бели пецива во Југозападна Македонија и откупувач на пченица, со силоси каде се чуваа и државните резеври на жито пред десетина години отиде во стечај. Пред фабриката секојдневно имаше протести зашто им се должеа пари на жетварите и вработените. При еден од протестите земјоделците ја запоседнаа мензата. На крајот, фабриката отиде во стечај, а објектите со години се риунираа.
Во 2019 делови од комбинатот купи „Ангро маркет-механизација“ и го возобнови производстѕвото на брашно и пекарски производи. Постигна дневно производство на брашно до 100 тони, а обезбеди и вработување за повеќемина битолчани. Уште не се знае како пожарот од вчера, кога беше отшететен горниот дел од главната зграда, ќе влијае врз понатамошното производство на мелничкиот комбинат.
Ж. ЗДРАВКОВСКА